Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, од собраниската говорница рече дека е бесмислено опозицијата да поставува пратенички прашања кога во Собранието не се присутни министрите до кои тие се упатени. Тој ја критикуваше резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ против нелегалната миграција бидејќи, како што наведе, со неа се осудува опозицијата што е „апсолутно неприфатливо“
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, одговори дека резолуцијата не е за осуда на опозицијата, туку за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките на власта против нелегалната миграција
Пратениците на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска ја напуштија собраниската седница на која на дневен ред, меѓу другите точки, беа и пратенички прашања на опозициските партии застапени во парламентот, како и резолуцијата на владејачкото мнозинство против нелегалната миграција.

Потегот уследи откако координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, упати критики до власта, посочувајќи дека е бесмислено пратениците од опозициите да поставуваат прашања кога во пленарната сала не се присутни одредени министри.
„Во однос на пратеничките прашања гледаме дека практично не се присутни оние на коишто треба да им се поставуваат. Пратеничката група на СДСМ побара до премиерот, кој од оправдани причини не е тука, меѓутоа по Деловник имаше право да назначи заменик. Вчера на координација утврдивме дека треба да доставиме нов список. На новиот список ставивме двајца министри, министерот за економија и министерот за животна средина. Тие не се тука. Значи нема цел да имате опозициски пратенички прашања, кога тие коишто треба да ги прашате не се тука, а се должни да бидат тука и да одговараат пред народното Собрание“,
рече Спасовски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ имаше забелешки и за рокот во кој е доставен Законот за Судски совет, а реагираше и на резолуцијата на владејачкото мнозинство против нелегалната миграција, со која, како што кажа, се осудува опозицијата, што досега не се случило во парламентарната демократија.
Спасовски рече дека колку и да е кревка таа демократија, ваква резолуција ќе наидеше на разбирање во 1990-тите години, но во 2025 година да се осудува опозицијата е „апсолутно неприфатливо“.
Тој додаде и дека одлуката со која се бара повторно да се прогласи кризна состојба, а со која истовремено се поништуваат претходните одлуки на Владата кои се однесувале на мигрантската криза, е ништовна.
„И вие на основа на ништовна одлука, сакате да донесете нова одлука на Собранието“,
рече Спасовски, додавајќи дека пратеничката група на СДСМ нема да учествува во работата на оваа седница.
Собранискиот спикер Африм Гаши на забелешките на Спасовски рече дека опозициските прашања се токму можност на опозицијата да побара одговори од Владата и нагласи дека е потребно да се подобри односот на Владата кон Собранието.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пак, изрази зачуденост како опозицијата не го користи инструментот што ѝ е на располагање во Собранието, а тоа е поставување опозициски пратенички прашања. Тој посочи дека претходно пратеничката на ДУИ, Рина Ајдари, побарала пауза со забелешка дека законите до нив не се доставени на албански јазик, а потоа СДСМ ја напуштила седницата.
„СДСМ ја напушти седницата за поставување опозициски пратенички прашања, на која имаше можност министрите да ги прашаат за прашања кои ги интересираат, опозицијата бега од своите опозициски пратенички прашања“,
рече Мицевски.

Во однос на забелешките за резолуцијата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека таа не е за осуда на опозицијата, туку за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките на власта против нелегалната миграција.
„Сакаме да ставиме точка на лудилото што го предизвикуваат меѓу граѓаните во изминатите десетина дена и повеќе“,
рече Мицевски.
Тој, истовремено, ѝ забележа на опозициската партија зошто не ја доставила својата резолуција против мигранти.
„СДСМ немаат доставено резолуција до Собранието, а со неа мавтаа на прес на ‘Бихаќка’. Почитувани колеги од опозицијата, не ви се точни наводите, поднесете резолуција за да зборуваме за неа, моментално имаме само една резолуција, која има цел да ги осуди манипулациите, кои се шират од опозицијата“,
додаде Мицевски.
Претходно и пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, бараше од дневен ред да се тргне резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција критикувајќи делови од неа, меѓу кои и точката за продолжување на мигрантската криза.
За потегот на СДСМ, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде рекоа дека со тоа опозициската партија ја покажала својата лицемерност во Собранието.
„Откако устата им беше полна со наводни мигранти, кои, ене, чекале на граница, само што не дошле и што уште не излажаа, денес кога требаше да се дискутира во Собранието на таа непостоечка тема, која тие ја отворија, тие го напуштија Собранието. Не само што избегаа од темата како маче од куче, туку и фамозната резолуција која ја предлагаа во јавноста и устата пена им фати од говорење дека била најдобрата, ја немаат ниту поднесено во Собранието. Ете толку треба да знаете за лицемерието на СДС. Пред камери едно, зад нив друго“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму порачаа дека резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ која е поднесена и е на дневен ред, денес ќе биде изгласана, и со тоа, како што додаваат од владејачката партија, ќе ја затворат „измислената тема од страна на СДС за наводни мигранти во Македонија“.
