Собранието ќе расправа за членовите кои ги избира, а од актуелниот состав на Судскиот совет тоа се Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова Илиевска
Прашан кога може да се очекува разрешувањето, Гаши не даде конкретен одговор и кажа дека тоа ќе зависи од Комисијата за избори и именувања
Откако Собранието кон средината на месецов не го усвои Извештајот за работата на Судскиот совет за 2023 година, пратениците ќе одлучуваат за разрешување на членовите на Советот избрани од парламентот и именување на нови на нивно место.
Станува збор за петмина ччленови на Судскиот совет, а за можноста за отпочнување на процедурата денеска информираше претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Таа, како што кажа спикерот, е уредена со Деловникот и ќе се води во Комисијата за изборите и именувањата.
„Негативниот извештај за Судскиот совет значи дека Собранието ги отповикува на некој начин. Тоа значи дека може да отпочне процедурата за нивно разрешување и назначување на нови. Процедурата е одредена во Деловникот, значи во Комисијата за избори и именувања, како биле назначени, така ќе бидат и разрешени и така ќе оди повторното назначување на нови членови“,
изјави Гаши по брифингот со новинарите.
Инаку, Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и со Бадентерово мнозинство, а двајца членови ги предлага претседателот на државата, а изборот го врши законодавниот дом. Еден од овие двајца кандидати мора да биде припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.
Останатите осум членови ги избираат судиите од своите редови. Членови на Советот по функција се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие можат само да присуствуваат и да дискутираат на седниците, но немаат право на глас, односно да учествуваат во одлучувањето.
Собранието ќе расправа за членовите кои ги избира, а од актуелниот состав на Судскиот совет тоа се Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова-Илиевска.
Можноста институциите, а во конкретниот случај тоа е Собранието, да расправа за работата на членовите на Судскиот совет кои ги избира е предвидена во самиот Закон за Судскиот совет во ставот 8 од членот 100.
„Доколку Собранието на Република Северна Македонија не го усвои извештајот, тоа ќе биде основ за поведување на расправа пред органите што ги избрале членовите на Судскиот совет за оцена на нивната работа во советот“,
вели ставот 8 од членот 100 од Законто за Судскиот совет.
Прашан кога може да се очекува разрешувањето, Гаши не даде конкретен одговор и кажа дека тоа ќе зависи од Комисијата за избори и именувања.
„Мислам дека ќе биде на дневен ред штом има услови за постапување по однос на тоа прашање“,
изјави собранискиот спикер.
Ваквиот расплет, условно кажано беше и очекуван, по критиките од власта за работата на Судскиот совет, што се преточи и во неусвојувањето на Извештајот за неговата работа за 2023 година.
„Ние размислуваме за неколку потези што ќе ги преземеме после празницит“,
изјави завчера премиерот Христијан Мицкоски.
На оваа тема веќе има и засилување на партиско-политичката реторика. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вчера на вчерашната прес-конференција по повод шест месеци од Владата на ВМРО-ДПМНЕ говореше и упати критики за системски обид за партиско разробување на државата. Рече дека ваквата состојба се одразува и во најавата за распуштањ ена Судскиот совет, што за СДСМ е директен удар врз демократијата.
„Јас уште по првите чекори на оваа Влада најавив дека ВМРО-МВРО се враќа. Но, вчерашната најава дека Владата планира да го распушти Судскиот совет, односно да разреши пет членови, е чекор кон целосна контрола врз судството. Ова СДСМ нема да го дозволи. Ова ќе значи газење на демократијата и враќање кон мрачните времиња на политички прогон“,
изјави вчера Филипче.
На обвинувањата од Филипче, веднаш возвратија од ВМРО-ДПМНЕ, од каде каде реакоа дека Судскиот совет бил Зајас-Муртински совет.
„Судскиот совет беше племенски совет меѓу Муртино и Зајас. СДС кои го поставија митаџијата Наќе Георгиев сега зборуваат за судството, која трагедија. СДС се партија која на чело на Судски совет ја имаа Весна Дамева од СДС. СДС и Филипче го имаа и Иџет Мемети како заменик претседател на Советот на јавни обвинители, митаџија исто како Наќе Георгиев“,
реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Судскиот совет во моментот е без претседател, откако Весна Дамева на 2 декември си поднесе оставка, наведувајќи дека во изминатиот период, особено во последните месеци, од страна на одредени политичари од собраниска говорница се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет. Во таа насока, таа директно ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Истиот ден Советот одржа седница на која формално беше констатирана оставката на Дамева, но членовите не избраа нејзин наследник, со образложение дека ќе чекаат Советот да биде во полн состав.