Предлогот, кој беше поднесен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, беше поддржан од повеќето присутни пратеници во салата, а целта на формирањето на анкетната комисија е да се утврди дали со тој скандал биле загрозени основните човекови права на пациентите кои се лекувале на Клиниката за онкологија

Пратениците, на денешната собраниска седница, со 82 гласа „за“ донесоа одлука за основање анкетна комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
Предлогот, кој беше поднесен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, беше поддржан од повеќето присутни пратеници во салата.
Според пратеникот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ, анкетната комисија ќе треба да утврди дали со тој скандал биле загрозени основните човекови права на пациентите кои се лекувале од моментот на ставање надвор од употреба на системот за контрола на терапија или популарно наречен КАТО-системот за подготовка на цитостатиците.
Комисијата, како што рече Ристески, треба да направи анализа на сите документи на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, а со цел да се утврди политичка одговорност на владините и здравствени функционери поврзани со аферата.
„Крајно време е системот да профункционира и да потврди дека сме способни и во пракса, а не само декларативно и на зборови да се справиме со тешките облици на криминал и корупција. И конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите. Овде мора да има одговорност. Се сложувам со многу дискутанти на оваа тема дека криминалот на Онкологија има име и презиме и мора одговорните, кои го сториле тоа да сносат морална, кривична и политичка одговорност“,
рече Ристески.
Тој побара одговорност од директорите, министрите, премиерот и целата Влада затоа што, како што рече, информациите за злоупотреба на терапија на болните од рак се фрапантни и загрижувачки. Ристески овој случај го окарактеризира како масовно убиство.
„Наместо на тие болни да им се пружи целосна поддршка, здравствениот систем сериозно потфрлил, со што е изгубена довербата не само кај овие болни, туку е доведен во прашање квалитетот на лекување на секој иден пациент“,
истакна Ристески.
Поддршка за формирањето на анкетната комисија имаше и од пратениците од СДСМ.
Пратеникот Ненад Коциќ рече дека треба да се утврди дали има и политичка одговорност, а ги поддржа и пациентите кои бараат редовно да ја примаат соодветната терапија.
„Доколку има злоупотреби да се евидентираат со име и презиме да бидат обелоденети во јавноста. Не го подрджувам политичкото лешинарство, кое некои помали политички партии, кои пробаа да го девастираат целиот здравствен систем“,
рече Коциќ.
Според пратеникот на Левица, Борислав Крмов, анкетните комисии досега се формирале за забошотување случаи, но и покрај тоа рече дека ќе ја поддржат за да се изврши притисок да се стигне до правда и разврска во случајот.
Тој посочи дека најголем дел од лекарите и сестрите на Клиниката за онкологија имале закани по живот и најголем дел од нив користеле одмори, а пациенти чекале по ходниците на Онкологија не можејќи да ја земат својата терапија.
Случајот со Клиниката за онкологија, веќе неколку недели е актуелен во јавноста по пишувањата на одредени медиуми дека се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор. Во текот на овој месец се одржаа три протести под мотото „Правда за жртвите“. Учесниците на протестот бараат судска разрешница за сите инволвирани во овој случај.
Организаторите на протестот, кои во фејсбук-најавата се именувани како „Протест против убиството на Онкологија“, бараат истрага за инволвираноста во случајот на поранешниот министер за здравство Венко Филипче и ексдиректорот на Клиниката, Нино Васев, целосна ревизија на работата на Клиниката за онкологија, како и проширување на истрагата за работата на Детска онкологија.
Од Основното јавно обвинителство – Скопје велат дека тим од јавни обвинители и истражители преземаат дејствија за испитување на наводите кои првично упатуваат на основи за сомнение за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Надлежните јавни обвинители извршиле распит на повеќемина вработени на Клиниката за онкологија, како и на двајца експерти. Дополнително, како што додаваат од ОЈО – Скопје, во тек се распити и на 20-ина пациенти кои до овој момент доброволно се јавиле на телефонската линија на Обвинителството за да ѝ помогнат на истрагата со свои сознанија.
Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека протестите за случајот со Клиниката за онкологија се злоупотребуваат и апелира тие да не се користат за дневнo-политички евтини поени
Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека протестите за случајот со Клиниката за онкологија се злоупотребуваат и апелира протестите да не користат за дневнo-политички евтини поени, а од Обвинителството очекува во најбрз можен рок да заврши истрагата и со тоа, како што вели, да се стави крај на неизвесноста.
