За опозициските пратеници Извештајот е реален приказ за лошата состојба во сите области во земјава и оценките се полоши отколку во претходните извештаи, додека пратениците од мнозинството, пак, посочија дека во него се нотира оти во сите поглавја или кластери има одреден напредок и дека состојбите се многу подобри отколку за време на владеењето на сегашната опозиција
Во Собранието попладнево продолжи расправата за Извештајот на Европската Комисија за земјава за 2021 година.
За опозициските пратеници Извештајот е реален приказ за лошата состојба во сите области во земјава и оценките се полоши отколку во претходните извештаи.
„Апликацијата за членство во Европската унија е поднесена на 22 март 2004 година. Каде сме ние од тој датум до сега, на сите ни е јасно. Дадени се препораки за поголем фокус врз административниот капацитет и ефикасно спроведување на законодавството. Во однос на првиот столб, каде што се демократијата, Собранието и граѓанското општество, нотиран е одреден напредок и дека опозициските партии останаа активно вклучени во работата на Собранието“,
рече пратеникот Златко Пенков од ВМРО ДПМНЕ.
Тој посочи дека во Извештајот е нотирано оти државата нема резултати во борбата против организираниот криминал. Пенков констатира дека од 2004 година до денес, државата не направила доволно за да стане членка на ЕУ.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска нагласи дека во Извештајот, како и секоја година, во некои области е нотиран помал напредок во некои поголем, но, како што рече, главниот проблем за недобивање на датум за почеток на преговорите е нерешениот спор со Бугарија, која го попречува евроинтегрирањето на нашата држава.
Пратениците од мнозинството, пак, посочија дека во него се нотира оти во сите поглавја или кластери има одреден напредок и дека состојбите се многу подобри отколку за време на владеењето на сегашната опозиција.
По ова седницата е прекината и продолжението е закажано за утре во 11 часот.