Дел од родителите му забележаат на в.д. градоначалникот дека престанал да доаѓа на редовните маршеви низ Кочани. Му порачаа дека нема од што да се плаши
Други, пак, го изразија своето незадоволство од коментарите на граѓани за нивниот активизам. На таквите им порачаа дека се борат за правда и дека секој може да го снајде истото
Стотина граѓани ги обиколија кочанските улици во уште еден од серијата „Маршеви на ангелите“. Меѓу нив беа и родители и блиски роднини на починатите во дискотеката „Пулс“, некои од нив со маици на кои беше испечатен ликот на нивното дете.

Маршот се одвиваше во молк. Со исклучок на изјавите кои за медиумите ги дадоа дел од родителите на загинатите на две локации. На првото такво место, пред зградата на општинскиот совет, родителите упатија пораки до в.д. градоначалникот на Кочани. Му забележаа што сакал да организира забава со музика за Петровден, но и дека повеќе не доаѓа на маршевите.

Господине градоначалничи, не морате да се плашите од нас. Зошто ние не сме ниту душмани, ниту убијци како оние што седат овде пред нас, во ова собрание (се мисли на општинскиот совет н.з.), во удобните и меки фотелји. Тие ни ги убија нашите деца.
кажа еден од родителите.
Во говорите беше јасна критиката дека родителите ја гледаат вината кај сите што знаеле и не преземале ништо, а што резултираше со трагедијата. Споменуваа и конкретни постапки на институции, но и генерално – „културата“ да се добиваат и прифаќаат работни места, со цел некогаш да се премолчи или замижи.
Во тој контекст, беа споменати и советници во Кочани – дека не се на страната на граѓаните. А, според еден транспарент, слична порака беше испратена и кон пратениците.

На крајот на маршот, кој траеше околу час и половина, медиумите повторно побараа изјави од родителите. Најголемиот дел од нивните реакции беа за, како што кажаа, се поголемиот број на критики на социјалните медиуми до нив – дека биле виновни што ги пуштиле младите во дискотеката, дека не требало да протестираат и слично.
Возвратија до секој родител, барем на секунда да се стави во нивна кожа. Секој да се потсети дека како млади самите излегувале и дека сега ги пуштаат своите деца да го прават истото.

Нека бидат благодарни на Бога што нивните деца се живи, здрави и прави. Ама тркалото се врти… Може истото ќе ги снајде. Па тогаш ќе ги прашам – дали ние да си седиме дома, дали да плачеме или да ги жалиме.
изјави една родителка.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија вкупно 62 лица. Најголемиот дел беа млади лица, во своите 20-ти години, но имаше и малолетеници.
Деновиве, контроверза предзвика епилогот од средбата на роднини на починатите со премиерот Христијан Мицкоски. Според соопштението на Здружението на граѓани „16 март 2025“ од Кочани, премиерот ги навредил повеќекратно, меѓудругото и бидејќи им рекол дека нивните барања се исти како тие на опозициската СДСМ, партија која достави предлог-закон во Собранието за помош на настраданите. Од Владата потврдија дека имало средба, но дека атмосферата и разговорот биле сосема поинакви.
Дел од медиумите денеска пренесоа Барање на Здружението на граѓани „16 март 2025“ до Владата – да се објави целосната снимка од средбата која, како што тврдат, владината служба ја снимала тонски.