Скендер Реџепи Зејд ја напушти Алтернатива во јуни лани откога дејствува како независен во Собранието. Тој е третиот пратеник од албанскиот политички блок кој реши да формира нова партија
Основачкото собрание се одржа вчера во Скопје. На него се избрани органи на партијата, а за претседател на Народното движење е избран Скендер Реџепи
Пратеникот Скендер Реџепи, кој неодамна ја напушти Алтернатива и дејствуваше како независен во Собранието, ја формира партијата Народно движење.

Основачкото собрание се одржа вчера во Скопје. На него се избрани органи на партијата, а за претседател на Народното движење е избран Скендер Реџепи, пренесува државната новинска агенција МИА.
„Народно движење – Добар почеток на политичкото патување, патување кое ќе ни овозможи да ја зачуваме насоката која започна многу порано, но сега со новиот политички концепт под капата на Народно движење. Нека ни е со среќа и Господ нека биде со нас“,
напиша Реџепи на својот фејсбук-профил по повод формирањето на партијата.
Дека ќе формира партија, Реџепи најави кон крајот на август. Во гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 тој изјави дека тоа доаѓа како резултат на незадоволството во Алтернатива, каде што, како што рече, не дале можност за промена во партијата, како и дека не се гледа себеси како дел од некоја друга политичка опција која во моментов е активна.
„Сме виделе и во отчетот и средбите со граѓаните, дека имаме поддршка од граѓаните за политичкиот пат што го градам. Бидејќи не се гледам себеси кај ниту еден политички субјект, бидејќи верував дека во Алтернатива треба да работам, бидејќи моето излегување потврди дека промената мора да се направи, но кога видов дека тоа не може да се случи, така што веројатно ќе почнам ново политичко патување заедно со структурите што ги имаме. Ќе им подадам рака за соработка на тие што излегоа од Алтернатива, заедно да почнеме ново политичко патување“,
изјави тогаш Реџепи.

Скендер Реџепи Зејд ја напушти Алтернатива во јуни лани откога дејствува како независен во Собранието. Тој е третиот пратеник од албанскиот политички блок кој реши да формира нова партија. На 12 август поранешниот заменик-претседател на Беса, Аријанит Хоџа, ја формира Европската демократска партија, а еден ден подоцна Изет Меџити, кој беше дел од „огнената група“ во ДУИ, ја промовира партијата Демократско движење.