„После денешната посета, тоа што може да го заклучам е дека јавното обвинителство треба да се издига на клоци. Ценам дека имаме класични прекршувања на Законите и злоупотреби за кои досега морало да има обвинение! Мора да се расчисти со филм-мејкерите на чело со нивните наредбодавци. Холивуд може вода да носи!“, порача Ковачки по посетата на АНБ и АР

Откако членовите на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР), вчера беа во надзорна посета на АНБ, а денеска на АР, пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ повика обвинителството „да се издига на клоци“.
„После денешната посета, тоа што може да го заклучам е дека јавното обвинителство треба да се издига на клоци. Ценам дека имаме класични прекршувања на Законите и злоупотреби за кои досега морало да има обвинение!Мора да се расчисти со филм-мејкерите на чело со нивните наредбодавци. Холивуд може вода да носи! Не смее да има застарување на предметите под плаштот на класифицираност на постапки, а не смее да има и јавно објавување и забава за народ заради легалноста на постапката! Поради природата и сензитивноста на состојбите, имајќи во предвид дека сум обврзан, нема да зборувам повеќе“,
напиша Ковачки на Фејсбук.

Членовите на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР), вчера беа во надзорна посета на АНБ, но, како што информираат од Собранието, немале можност за увид во документацијата. Од АНБ се повикале на истрагата на обвинителството за случајот.
Шест пратеници, меѓу кои Славјанка Петровска од СДСМ, Драган Ковачки, Љупчо Пренџов, Петар Ристевски од парламентарното мнозинство беа дел од членовите на собраниската надзорна комисија коj вчера се упати во надзор на АНБ. Тие, како што изгласаа на вчерашната седница на Комисијата, денеска ја посетија и АР.
Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, вчера, пред посетата на АНБ, изрази очекување Агенцијата за национална безбедност да има слух за барањето за декласификација на материјалите во врска со наводите за прислушување, додека нејзиниот колега од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов изјави дека она што е важно е да се види што се случувало во АНБ и кој сè бил таргет на следење во периодот кога партијата чиј член е беше во опозиција.