– Најпрво, жал ми е за се што се случи таа вечер. Не поминува ден да не помислам на ова. Веднаш после настанот пружив помош и повикав помош. Направив се што можеше да се направи – реагира Јанчев

Пратеникот од редовите на Левица, Сашко Јанчев, против кој Обвинителството покрена обвинение за учеството во сообраќајка при која загина тинејџер, во објава на Фејсбук изрази жалење за случајот и вели дека е предмет на црна пропаганда од страна на власта.
„Најпрво, жал ми е за се што се случи таа вечер. Не поминува ден да не помислам на ова. Веднаш после настанот пружив помош и повикав помош. Направив се што можеше да се направи. Морам да забележам дека брза помош чекавме цели 50 минути. Морам да забележам и дека јас сум единствен легален учесник во сообраќајот во таа несреќа“,
пишува во реакцијата на Јанчев.
Тој потоа забележува дека власта го користи случајот за политичка пресметка.
„Власта уште истиот ден, само после неколку часа, почна да го користи случајов за политичка пресметка со мене преку координирани и планирани напади. Уште рано наутро преку нивните пропагандни медиуми пуштија вести дека сум бил пијан, дрогиран и дека сум возел бесно. Ништо од ова не е точно. Пуштија вест дека сум возел бесен џип и ставаа слики од нови скапи возила. И ова не е точно. Моето возило е старо 20 години“,
стои понатаму во неговата реакција.
Тој се осврнува на понатамошните обвинувања како од премиерот, така и од останатите членови на владејачката партија.
„Истиот ден ДПМНЕ ме осудија од партиска прес-конференција без притоа да ги спомнат, а не пак да ги повикаат на одговорност Министерот за внатрешни и министерот за здравство. Потоа премиерот на интервју во вести ме осуди и суптилно ми се закани со Обвинителство. И отогаш навака постојано пробуваат медиумски да ја наметнат темава со цел да наметнат наратив дека јас некого сум прегазил“,
пишува Јанчев.
Тој дополнува дека пред да се случу Анкетната комисија за несреќата во Кочани, пратениците од владејачкото мнозинство во собраниските ходници му се заканувале дека поради Анкетната комисија, тој ќе биде изложен на притисок.
„Демек ако Левица ја отвора темата за Кочани они ќе удираат по мене заради сообраќајната несреќа. Чиниш сообраќајната несреќа е исто со она што се случи во Кочани“,
реагира пратеникот.
Тој тврди дека не се повикува на никаков пратенички имунитет.
Обвинението кое Обвинителството му го става на товар се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
