Членката на Судскиот совет, Лорета Георгиева, на денешната седница рече дека побарала изјава од судијата кој постапувал по предметот. Вели дека и во судската одлука и во изјавата на судијата се посочува дека собраниската говорница и имунитетот го штитат пратеникот од кривична одговорност, но не и од граѓанска одговорност за навреда и клевета. Во оваа насока, Георгиева вели дека е на иста линија со судијата
По одбивањето на претставката од страна на Судскиот совет, пратеникот Бране Петрушевски во објава на неговиот фејсбук-профил вели дека почетокот на годината не навестува дека овој состав на Судскиот совет е способен да си ја врши работата и да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството
Судскиот совет на денешната седница ја одби како неоснована претставката на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, која тој лани во ноември ја поднесе против судијата Неџат Мемети од Основниот суд Куманово откако тој пресуди во корист на неговиот колега од СДСМ, Мартин Костовски, кој го тужеше Петрушевски за навреда и клевета искажана од собраниска говорница.
Членката на Судскиот совет, Лорета Георгиева, на денешната седница на Советот рече дека побарала изјава од судијата кој постапувал по предметот. Вели дека и во судската одлука и во изјавата на судијата се посочува дека собраниската говорница и имунитетот го штитат пратеникот од кривична одговорност, но не и од граѓанска одговорност за навреда и клевета. Во оваа насока, Георгиева вели дека е на иста линија со судијата.
„Од истите причини (судијата) смета дека не може да биде амнестиран кој било кога изнесува лаги и невистини и прави штета на угледот на личноста и пошироко. Со оглед дека се работи за пратеници, со тоа и на партијата и граѓаните кои ова лице ги претставува и врз основа на чии гласови е пратеник. Јас лично се согласувам со изјавата на судијата и сметам дека никој не може да си допушти да изнесува невистини“,
изјави Георгиева.
Во расправата на денешната седница на Советот, членот Антоанета Димовска рече дека се согласува оти претставката на пратеникот Петрушевски е неоснована, но оти не би се пуштила во такви детали, бидејќи, како што посочи, претпоставува дека по овој предмет ќе има жалба и ќе си каже жалбениот суд.
„За мене судијата одржал рочиште, донел пресуда, го искажал својот правен став и толку. Се друго е предмет на жалба. Не би се впуштила во меритумот на одлучувањето. На тој начин да се образложи, а дека е неосновано, е неосновано“,
изјави Димовска.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, посочи дека личниот став останува на членот и не смее да се смета за прејудицирање и став на Советот.
По одбивањето на претставката од страна на Судскиот совет, пратеникот Бране Петрушевски во објава на неговиот фејсбук-профил вели дека почетокот на годината не навестува дека овој состав на Судскиот совет е способен да си ја врши работата и да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството.
„Денес на јавна седница на Судскиот совет е отфрлена мојата претставка за нестручно и несовесно постапување на судијата Неџат Мемети од Основниот суд Куманово, кој донесе скандалозна пресуда против мене, не уважувајќи го мојот уставно загарантиран имунитет како пратеник. Дека Судскиот совет го пробива и дното, покажува изјавата на судијата известител Лорета Георгиева, која сметала дека собраниската говорница и имунитетот го штити пратеникот од кривична одговорност, но не и од граѓанска одговорност за навреда и клевета, што е базично и еклатантно непознавање на правото“,
пишува Петрушевски.
Според Петрушевски, политичката хајка врз неистомислениците на власта продолжува, а извршители се токму личности како Лорета Ѓеоргиева, сопруга на првиот човек на Зоран Заев во Струмица и долгогодишен директор на ЈПКД „Комуналец“ – Струмица, Зоран Георгиев.
„Многу ме интересира мислењето на Лорета Ѓоргиева за постапувањето на судијата во предметот Ковачки против Ковачевски, каде на екс-премиерот му е уважен имунитетот токму за граѓанска одговорност? Како би одлучил Судскиот совет на претставка против овој судија?“,
додава Петрушевски во објавата најавувајќи дека неговата борба за правда продолжува.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски во ноември минатата година потврди дека Основниот суд – Куманово донел пресуда во која се вели дека тој во говор од собраниската говорница го омаловажил колегата пратеник од редовите на СДСМ, Мартин Костовски, и му ја повредил честа.
Во пресудата, која Петрушевски тогаш ја објави на Фејсбук, може да се види дека тој на пратеникот Костовски треба да му исплати 150 илјади денари плус законска камата за душевна болка предизвикана од навреда искажана од собраниската говорница.
Пратеникот Мартин Костовски, како што може да се види во пресудата, барал надомест на штета од 600 илјади денари, но судот само делумно го усвоил тоа барање.
Според пратеникот Петрушевски, во пресудата не стои по кој член и закон е осуден и додава оти имунитетот му е загарантиран со Уставот, Законот за пратеници и Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.