Пратеникот Ибрахим реагира во однос на предлогот за измени во составот на Комитетот за односи меѓу заедниците бидејќи смета дека не се почитува правичната и соодветна застапеност загарантирана со Уставот

Пратеникот од Партијата за движење на Турците, Енес Ибрахим, кој е дел од владејачкото мнозинство, смета дека дел од предлог-иницијативата за уставни измени е неуставна.
Тој го изнесе својот став на социјалните мрежи денеска кога предлог-иницијативата се најде на седница во Комисијата за уставни прашање. Според тоа што го објави Ибрахим, тој не негодува за вметнувањето на бугарскиот и пет други народи во Преамбулата од Уставот, туку за делот кој се однесува на измени на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците, според кој Турците би имале еден претставник. Пратеникот смета тоа е противуставно затоа што не се почитува правичната и соодветна застапеност.
„Предлог-измена и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија, односно амандманот XII кој се однесува на Комитетот за односи меѓу заедниците е неуставен. Впрочем, со новиот предлог бројот на членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците наместо досегашните 19 члена се зголемува на 43, при што по 16 члена од редот на пратениците во Собранието, Македонци и Албанци, а по еден член ќе имаат сите други заедници. Со овој предлог не се почитува правичната и соодветната застапеност која е загарантирано со Уставот“,
гласи ставот на пратеникот објавен на социјалните мрежи.
Според предлог-иницијативата во однос на Комитетот, покрај 16-те пратеници од Македонците и Албанците, по еден член покрај од редот на пратениците Турци, би имале и Власите, Ромите, Србите, Бошњаците, Бугарите, Хрватите, Црногорците, Словенците, Евреите и Египќаните.
Предлог-иницијативата за пристапување кон измена на Уставот денеска со 10 гласа „за“ и седум „против“ помина во Комисијата за уставни прашања. Сега предлогот ќе оди на пленарна седница, која е закажана за 18 август. Тогаш ќе биде потребно двотретинско мнозинство (најмалку 80 гласа) за да се усвои потребата од носење на уставни измени и процедурата да продолжи со следната фаза – подготовка и усвојување на нацрт-амандмани.