Двајцата пратеници бараа извинување бидејќи пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница на денешната седница обраќајќи ѝ се Шкријељ рече дека има „збунет идентитет“ и „не знае што е“
Откако пратениците Санела Шкријељ и Зеќир Рамчиловиќ побараа ВМРО-ДПМНЕ јавно да се извини за говорот на пратеничката Велика Стојкова-Серафимовска поради навреди кон Бошњаците, пратеничката од опозицијата им одговори преку социјалните мрежи велејќи дека немаат капацитет да ја разберат. Кога зборувала за „збунет идентитет“ не мислела на Бошњаците, туку, како што вели, на пратениците од СДСМ.
„Етничката и културна разновидност е најубавиот атрибут на Македонија, а моето почитување кон различните култури и етнички заедници во Македонија сум го покажала на дело и со резултати. Јас жалам што колегите пратеници од пратеничката група на СДС Санела Шкријељ и Зеќир Рамчиловиќ очигледно немаат капацитет да ги разберат моите обраќања, а во конкретниов случај јасно беше кому се обраќам бидејќи говорот има и јасна гестикулација. Идентитетот може да биде етнички, религиозен, родов, политички, социјален, културен … Во овој случај „збунетиот идентитет“ се однесуваше на сите пратеници од ПГ на СДС кој денес предавнички и бесрамно се откажаа од македонскиот идентитет“,
вели Стојкова-Серафимовска.
Таа во објавата ги нарече и предавници.
„Ќе ја разберам колешката Санела Шкријељ, неодамна влезе во парламентот, но за Зеќир Рамчиловиќ, кој втор пат врши предавство на Македонија, не разбирам со кој ли ум измислува нешто што не е ниту помислено. Е не е лесно да си предавник“,
напиша пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, двајцата пратеници бараа извинување бидејќи Стојкова-Серафимовска од собраниската говорница на денешната седница обраќајќи ѝ се Шкријељ рече дека има „збунет идентитет“ и „не знае што е“.
„Ќе добиете деца и младина и иднина со збунет идентитет, каков што е Вашиот идентитет колешке, очигледно Вие сакате да имате наследници како Вие што сте во моментов, и нашите поколенија и нашите генерации да не знаат што се, да не знаат што се како вие што не знаете што сте“,
рече Стојкова-Серафимовска во дел од репликата за која двајцата пратеници бараат извинување.
Шкријељ и Рамчиловиќ во реакцијата претходно рекоа дека нема да ја повикуваат пратеничката да се извини туку тоа го побараа од партијата.
„Таа го кажа своето за што доби и аплауз од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, но упатуваме јавна реакција и барање до партијата ВМРО ДПМНЕ да се извини и да се огради од кажаното доколку има демократски капацитет и го почитува Уставот и законите на Република Северна Македонија“,
наведоа двајцата пратеници во реакцијата.