Партијата го повикува владејачкото мнозинство да иницира законски измени на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси со цел конечно да се воспостават професионални критериуми и стандарди за работа на ова тело
Пратеничката група на Левица денеска соопшти дека ќе поднесе предлог за разрешување на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска.
Оттаму информираат дека предлогот ќе биде поднесен преку пратеникот Борислав Крмов како член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Според партијата, недозволиво е Собранието да биде пасивно и да чека претседателката на ДКСК самата да поднесе оставка од морални причини, кога против неа се водат две кривични истраги и таа повеќе од два месеци не доаѓа на работа.

„При постапката за избор на претседател за Антикорупциска комисија, секој кандидат мора да поднесе уверение дека против него не се води кривична постапка. Овој принцип мора да важи во текот на целиот мандат и претставува основ Собранието да ја разреши претседателката Татјана Димитровска, како надлежно тело што го врши изборот и разрешувањето на составот на ДКСК“,
велат од Левица.
Од партијата посочуваат дека од самиот момент кога Димитровска доби статус на осомничена во „Адитив“ побарале оставка и од целокупниот состав на ДКСК, зашто е целосно компромитиран и нарушен интегритетот за работа на ова тело.
„Ако се земат в предвид и низата скандали што од самиот старт ја следат ДКСК и нејзиното непостапување, како во случаите со директорот на Агенцијата за национална безбедност и заменик-директорката на Агенцијата за разузнавање, јасно е дека овој состав единствено служи за да ги аминува лошите политики на власта. Јасно е и зошто власта не иницира разрешување на претседателката на ДКСК, која токму мнозинството на ДПМНЕ и СДС сложно си ја изгласа и чиј интегрите целосно е нарушен“,
пишува во партиското соопштение.
Левица го повикува владејачкото мнозинство да иницира законски измени на Законот за спрекување на корупцијата и судирот на интереси со цел конечно да се воспостават професионални критериуми и стандарди за работа на ова тело.
„Наместо премиерот Мицкоски и спикерот Гаши да ги констатураат само лошите законски решенија, што им овозможуваат законска заштита на избранитее функционери, ги повикуваме како владеејачко мнозинство да иницираат законски измени на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, со цел да се воспостават професионални критериуми и стандарди за работа на ова тело“,
велат од Левица.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска изјави дека засега не се исполнети законските услови за Собранието да покрене постапка за разрешување на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска.
Според него, за да биде покрената постапка за разрешување на претседателката на Антикорупциската комисија прво треба да биде донесена правосилна судска пресуда во однос на делата кои Обвинителството ѝ ги става на товар.
Таквата одредба, вели Гаши, е пропишана и во закон и во Деловникот.
„Постапката не се однесува за покренување на обвинение, туку за правосилна судска пресуда. Процедурата е пропишана во Деловникот и за тоа се одлучува во Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Ако има каква било постапка, треба да се отпочне од таа комисија и ако тие донесат каква било одлука, таа потоа се проследува на пленарна седница. Што и да одлучи комисијата, јас ќе го процесирам на пленарна седница“,
рече тој.
Од Антикпорупциска денеска посочија дека Собранието е единствената институција која носи одлука за престанок на функцијата на првиот човек на ДКСК согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Поднесувањето оставка како морален чин, пак, како што додаваат од Антикорупциска, е право на самата претседателка.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 18 јули годинава, поднесе обвинителен предлог против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, која се сомничи дека во периодот од мај до декември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ му сторила достапни податоци кои се сметаат за службена тајна. Воедно, на Димитровска ѝ се става на товар и дека незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации.
Пред три дена Јавното обвинителство за гонење организиран криминал покрена обвинение за претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска.
Јавно беше познато дека е осомничена за оддавање службена тајна во предметот „Адитив“, но освен за тоа дело, во обвинението се товари и за компјутерски фалсификат. Вработен во Државниот завод за ревизија полагал испит за класифицирани информации во нејзино име.