Според Ајдари, предложениот Закон за правична застапеност нема правна тежина и изгледа како поднесок од невладина организација, а не како нешто што подолго време е презентирано од ВЛЕН
Премиерот Мицкоски возврати со тврдење дека ДУИ врши „груба политичка манипулација“ и дека одлуката за бришење на „балансерот“ потекнува токму од претходната влада

Законот за правична застапеност и укинувањето на алатката „балансер“ беа тема за која денеска на собраниска седница за пратенички прашања обвинувања разменија пратеничката од „Европскиот фронт“, Рина Ајдари, и премиерот Христијан Мицкоски.
Пратеничката Ајдари упати критики до Владата, тврдејќи дека со укинувањето на „балансерот“, Албанците и другите етнички заедници се изложени на дискриминација.
Според Ајдари, предложениот Закон за правична застапеност нема правна тежина и изгледа како поднесок од невладина организација, а не како нешто што подолго време е презентирано од ВЛЕН.
Таа обвини дека на моменталните конкурси се вработуваат само Македонци и дека политичката волја на ВМРО-ДПМНЕ е единствениот критериум, без казнени одредби за непочитување на етничкиот процент.
„Како мислите дека ќе бидете правичен и еднаков пред очите на сите граѓани, а вие сте го тргнале единствениот елемент за правична застапеност за вработувањето во институциите. Се дискутираше многу дека вработувањата ќе бидат според политичката волја, но знаеме со какви бројки функционира Владата и за каква политичка волја станува збор – само онаа на ВМРО-ДПМНЕ и само на македонската страна“,
рече Ајдари.
Премиерот Мицкоски возврати со тврдење дека ДУИ врши „груба политичка манипулација“ и дека одлуката за бришење на „балансерот“ потекнува токму од претходната влада.
Мицкоски истакна дека владата во која Артан Груби беше прв вицепремиер донела мислење за бришење на „балансерот“, што подоцна станало дел и од скрининг-извештајот на ЕУ.
„Не е точно дека со доаѓањето на оваа влада е избришан инструментот ’балансер’. Вистината е дека владата во која беше ДУИ, а потпретседател беше Артан Груби на седница донесе одлука со која дава мислење дека треба да се избрише инструментот ’балансер’. Истото тоа понатаму е содржано во скрининг-извештајот на ЕУ. Тоа е вистината и треба сите граѓани да ја знаат бидејќи тоа го заслужуваат. Во ред се за рилсови овие политички говори, но тоа не е вистина“,
рече Мицкоски.
Премиерот во одговорот кажа дека судиите кои гласаа за укинување на алатката беа избрани токму од претходното мнозинство на СДСМ и ДУИ.
„Чесно и доблесно ќе беше да се извините пред граѓаните и да кажете дека ние од ДУИ на владина седница донесовме одлука со која препорачавме да се избрише алатката ’балансер’ и чесно и доблесно ќе беше да кажевте дека сите оние судии во Уставниот суд коишто ја донесоа таа одлука се уставни судии избрани од претходното владино мнозинство на СДСМ и ДУИ или се предлог на поранешниот претседател на државата, господинот Пендаровски“,
додаде Мицкоски.
Според него, новиот закон има позитивна препорака од Венецијанската комисија и неговото спроведување е дел од пристапниот процес кон ЕУ.
„Нема да толерираме злоупотреба на канцелариите за жонглирање со фудбалчиња, играње баскет или поставување јога-душеци и преноќување во истите, и да не кажам уште што вршење во тие канцеларии. За тоа постои полициски записник“,
рече Мицкоски.
Ајдари на ова одговори дека тврдењата на премиерот се повторна манипулација, појаснувајќи дека ДУИ сакала да го „перфекционира“ „балансерот“ за да се спречат злоупотребите со лажно декларирање на етничката припадност, а не да го укине.
