Надминувањето на разликите со Бугарија ќе биде едно од клучните прашања за Министерството за надворешни работи и во наредната година, рече на денешниот годишен брифинг со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Во однос на тоа кои се очекувањата на МНР и на што ќе се фокусира како министер, Османи посочи дека прво треба да се формира Владата некаде кон средина на јануари и тогаш можеби првпат после девет месеци ќе имаме две политички влади во двете држави коишто ќе имаат спорови – Република Бугарија и кај нас.
„Самото тоа по себе дава подобра можност за суштински разговори и надминување на разликите, така што очекувам најавената посета на премиерот Петков да се реализира уште во месец јануари и тоа веќе ќе утврди една динамика, една предвидливост за наредниот период“,
рече Османи.
МНР, посочи Османи, има и други приоритети.
„Ние сме членка на НАТО и таму треба да бидеме активно ангажирани во нашите позиции како земја членка на НАТО, но да не заборавиме и дека од 1 јануари влегуваме во тројката претседавачи на ОБСЕ и од тука веќе почнуваат нашите обврски како претседавач во 2023“,
истакна тој.
Османи посочи дека фокус ќе се стави и на развојот на билатералните односи со државите и тоа пред се со САД и земјите членки на ЕУ, Обединетото Кралство, како и фокусот во делот на економската дипломатија и услугата што ја даваме на нашите граѓани во дијаспората.
Во однос на тоа дали јуни ќе може да има конечно почеток на преговори, Османи рече дека не треба да оставиме простор ова прашање да влезе во замрзнат конфликт.
„Јас ќе работам ден за ден доколку се разбира имам можности за тоа, недела за недела без да давам долги рокови коишто би не опуштиле нас овде, коишто би ги опуштиле во Софија и во Брисел. Мислам дека сме заслужиле преговори, бараме нешто што е наше и заслужено и сметам дека не треба да оставиме простор за да полека ова прашање влезе во замрзнат конфликт“,
истакна Османи.
Тој подвлече дека наметнувањето на историјата како критериум за членство во ЕУ беше нерационален пристап и е нерационален пристап којшто не го прифаќа ЕУ сама по себе.
„Меѓутоа, Северна Македонија е позната и препозната во светот по однос на правата што ги имаат граѓаните и индивидуалните и колективните и доколку зборуваме за правото на некој граѓанин да има свој погледи кон историјата, слобода за манифестирање на своите културни и идентитетски атрибути се разбира дека државата како и за секој граѓанин тоа ќе го обезбедува на сите. Меѓутоа, пристапот наметнување историја како критериум, договор за една апсолутна историска вистина од пред 100 години, од пред 70 години мислам дека не е патот којшто две европски држави и две држави коишто се членки на НАТО тоа треба да го имаат како една единствена перспектива за соработка“,
рече Османи.