Бугарскиот премиер изрази задоволство од тоа што Договорот за добрососедство со Северна Македонија е наведен во Декларацијата од Самитот ЕУ – Западен Балкан и порача: Ако некој отстапи од тој документ, при секое поглавје Бугарија може да го блокира
Ние кажавме кои се нашите услови за Северна Македонија да биде примена во Европската Унија. Тоа не е по желба, ако нешто не ти се допаѓа, никој не те кани. Немаме тема. Ако сакаат…, беше дел од одговорот на бугарскиот премиер Бојко Борисов на новинарско прашање поставено до него на прес-конференцијата во Софија по завршувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој денеска се одржа преку видео-конференција.
Прашањето што го доби Борисов гласеше: По последните изјави од Северна Македонија, дали Бугарија не треба да удри на маса и врз основа на што продолжуваме да ги поддржуваме кога велат – ако треба да се откажеме од јазикот подобро да не влегуваме во ЕУ?
На ова бугарскиот премиер одговори:
„Тоа е нивно право, ние не го коментираме. За време на наши предизборни кампањи какви ли не работи слушавме за Турција, но потоа добрососедството натежнуваше. Ние сме европска држава и работиме по европски терк, а тоа е да работиш според документи. И кога 27 држави ќе поддржат документ во кој спроведувањето на Договорот за добрососедство е наведено како услов, ние сме ја завршиле нашата дипломатска работа. Ако некој отстапи од тој документ, при секое поглавје Бугарија може да го блокира. Затоа, како што им реков, зависи од вас. Нашето пријателство и братство, кога требаше да им дадеме поддршка – го покажавме. Ние кажавме какви се нашите услови, за да бидат примени во Европската Унија. Тоа не е (по) желба, ако нешто не ти се допаѓа, никој не те кани. Немаме тема. Ако сакаат… Ние први ги поддржавме за НАТО… Што, да излеземе и да кажеме дека сме Македонци, тоа ли да го кажеме?! Тоа е основниот документ според кој Бугарија ќе работи за напред. Ги сакаме, ги поддржуваме, но мојот совет е да не си поставуваат невозможни услови“,
одговори Борисов.

Претходно, во воведниот дел од прес-конференцијата, Борисов порача дека разбира оти во предизборен период национализмот испливува на површина, но замоли тоа да не се прави за сметка на Бугарија. Тој рече дека колку што силно ја поддржува нашата земја, толку силно стои и на тоа дека треба да се држиме до историјата и Договорот за добрососедство.
Најмногу го повредило тоа што Бугарија била ословувана како „фашистичка држава“ која не ги спасувала Македонците, туку само бугарските Евреи.
„Тоа е измама со бугарскиот подвиг, бугарскиот народ и бугарската црква, признаен од цел свет“,
рече Борисов.