Најголемо зголемување имало кај кадмиумот, чии концентрации биле над десет пати повеќе од дозволеното. Измерени биле 59,1 нанограм на кубен метар, а дозволената граница е 5

Зголемување на концентрациите на олово, кадмиум и арсен покажале резултатите од акредитираната лабораторија што денеска се стигнати во Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а кои се однесуваат на квалитетот на воздухот во Трубарево по пожарот што настана во саботата во фабриката „Ф-групација“, каде гореше електричен и електронски отпад.
Резултатите од примероците земени од воздухот во Трубарево на 13 и на 14 септември покажале дека честичките ПМ 10 биле покачени речиси за двојно, односно биле измерени 92,65 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 50.
Според резултатите, концентрацијата на олово била 0,75 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 0,5. Арсен имало 8,9 нанограми на кубен метар, а дозволено е 6.
Најголемо зголемување имало кај кадмиумот, чии концентрации биле над десет пати повеќе од дозволеното. Измерени биле 59,1 нанограм на кубен метар, а дозволената граница е 5.
„По пожарот е регистрирано значително надминување на дозволените граници за ПМ 10, олово, кадмиум и арсен, беа измерени високи концентрации на честички и тешки метали, но тековните мерења покажуваат дека состојбата на воздухот е стабилизирана и во рамките на дозволените граници“, велат од МЖСПП.
Примероците за овие испитувања биле земени веднаш штом на теренот се создале услови за тоа.
Тековните резултати, земени овие два дена, според мерењата се во рамките на дозволените концентрации.
Просечната концентрација на честичките изнесувала 9,8 микрограми на кубен метар, максималната измерена вредност изнесувала 43,3 микрограми на кубен метар, а моменталната на крајот од периодот – 8,2 микрограми на кубен метар.
Мерењето на квалитетот на воздухот во Трубарево доаѓа откако во саботата се запали фабриката „Ф-групација“ каде што имаше складирано електронски и електричен отпад, а црниот чад што се дигна од пожарот неколку часа можеше да се види речиси од цело Скопје.
Резултатите што досега беа објавени од Инспекторатот за животна средина се оние земени со сонда од три клучни места, но тие се само резултати што покажуваат гасови. Бројките и тука покажаа дека концентрациите на сулфур диоксид, азот диоксид и јаглерод моноксид на сите три места се покачени од два до три пати над дозволеното. Јаглерод моноксидот, пак, чија просечна вредност не треба да надминува 10 микрограми на кубен метар, била 300.
Од Инспекторатот рекоа и дека кога теренот ќе биде безбеден, ќе се пристапи кон земање мостри од почва за да се види каква е состојбата и ќе се нареди вештачење за да се види какви биле медиумите за уништување на животната средина во околината на Трубарево.
По пожарот, од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излегоа со информација дека нема отстапувања од нормалните референтни вредности што би укажале на зрачење, односно, радијација во воздухот во главниот град. И вонредните анализи на земените примероци од вода покажале дека не е утврдена радиоактивност и нема ниту опасни нивоа на тешки метали во почвата.
Од ИЈЗ рекоа дека било забележано зголемување на два параметра – бакар и цинк само од едно испитано место – површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии, но оти тоа е во рамките на очекувањата.