Заменик-шефот на противпожарната служба Дерек Чан изјави дека операцијата за пребарување и спасување може да биде завршена до утре, додавајќи дека пожарникарите ќе влезат во сите станови во седумте згради, со цел да се осигурат дека нема нови жртви
Пожарникарите во голема мера го локализираа пожарот што го уништи станбениот комплекс Ванг Фук Корт во Хонгконг, а се очекува операциите за пребарување и спасување наскоро да бидат завршени. Најмалку 94 лица загинаа во овој пожар, што се смета за најсмртоносната трагедија од ваков вид во градот за речиси осум децении.

Комплексот згради со осум кули, во кој живеат повеќе од 4 600 луѓе, беше во процес на реновирање, поради што на фасадата беа поставени бамбусови скелиња и зелена мрежа. По неколку часа борба со пожарот и чадот, пожарникарите успеаја да го стават пожарот под контрола, додека операциите за пребарување и спасување се при крај.
Заменик-шефот на противпожарната служба Дерек Чан изјави дека операцијата за пребарување и спасување може да биде завршена до утре, додавајќи дека пожарникарите ќе влезат во сите станови во седумте згради, со цел да се осигурат дека нема нови жртви.
Поголемиот број од жртвите се пронајдени во двата најтешко погодени облакодери. Сепак, пожарникарите успеаја да извлечат преживеани од неколку други згради во комплексот.
Полицијата соопшти дека уапсила тројца службеници на градежна компанија поради употреба на небезбедни материјали, вклучително и запаливи плочи од пена што ги блокирале прозорците. Според полицискиот началник Ајлин Чунг, постојат сериозни причини да се верува дека компанијата грубо ги занемарила безбедносните стандарди, што директно довело до катастрофата.
Експертите велат дека истрагата за овој случај би можела да открие поширока мрежа на пропусти во градежниот сектор.
Овој пожар се смета за најсмртоносниот во Хонгконг од 1948 година, кога 176 лица загинаа во опожарен магацин.
