Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски, информира дека бил побаран и авион на Дирекцијата за заштита и спасување за помош при гасењето, но, за жал, рече тој, немало услови да интервенира

Десет противпожарни возила го гасат пожарот во депонијата „Дрисла“ кој избувна попладнево. Како што информира Звонко Томевски, командант на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, била побарана помош и од ЈП „Комунална хигиена“ од каде што се пратени две цистерни за дотур на вода, тие се на локацијата и ги дополнуваат противпожарните возила.
„Се надевам дека за брзо време пожарот ќе биде целосно изгаснат“,
изјави Томевски.
Бил побаран и авион на Дирекцијата за заштита и спасување за помош при гасењето, но, за жал, рече тој, немало услови да интервенира.
„Станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, имаше опасност да се зафати околната борова шума која е во близина на депонијата и да се предизвика дополнително шумски пожар којшто можеше да загрози понатаму и објекти кои се во близина“,
додаде командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје.
Претходно, директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, изрази сомневање дека пожарот бил подметнат и потсети дека летово имавме рекордно високи температури, но „Дрисла“ не се самозапали.