Има индиции дека станува збор за подметнат пожар, кажа Ангелов
Пожарот кој попладнево избувна над скопското село Батинци е локализиран. Од Центарот за управување со кризи информираат дека огнот е под контрола и дека нема опасност за жителите и околните објекти. Во гаснењето, како што соопшти директорот на ЦУК, Мухамед Али, учествувале два „ертрактора“, еден хеликоптер на МВР, како и единиците на Противпожарната бригада на Град Скопје.
„Екипите остануваат на терен за следење на ситуацијата до целосно гаснење на пожарот и за спречување на евентуално повторно активирање“,
велат од ЦУК.

Претходно, како што информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, пожарот избувна околу 13 часот и зафати трева, грмушки и мешана шума. Првичните информации, според Ангелов, говорат дека станува збор за намерно подметнат пожар.