На потпрашање дали поради водите што се на депонијата на некоја државна институција ќе ѝ биде наложено да земе мостри за да се направат испитувања дали тие токсини продреле во почвата и во подземните води, Ангелов рече дека ќе ја послуша новинарската забелешка и тоа ќе го побара
Според него, изминатите години менаџирањето на депонијата во делот на складирање на отпадот не е најдобро

На депонијата „Дрисла“ сè уште има големо чадење, но денеска ветрот е поволен и дува спротивно од Скопје и затоа овој чад не се чувствува во градот, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој додава дека на затрупувањето на делот на „Дрисла“, каде има големо чадење, вчера и денеска работат два багери, еден булдожер и два големи товарни камиони со кои се носи земја. Таа земја, вели Ангелов, се истура на врвот на депонијата и со булдожери се турка до местото каде што гори.
„За да се дојде до местото на горење треба да се помине низ дел од 100-тина метри каде во непосредна близина, по моја проценка и по она што ми го кажаа стручните лица, има околу еден и пол метри отпадни води што се создаваат од самата депонија. Местото каде се одвива горењето, верувам дека подлогата е водна, односно целиот тој простор веќе е воден и измешан со различни материи, меѓу кои и токсини од самата депонија“,
рече Ангелов на денешната прес-конференција.
Според него, изминатите години менаџирањето на депонијата во делот на складирање на отпадот не е најдобро.
Оваа забелешка на Ангелов следуваше во одговор на новинарско прашање зошто пожарот на „Дрисла“ се гаснел со вода кога еден од условите за добивање лиценца за работа со отпад е да се има стратегија за справување со хаварија каде јасно е наведено дека не се гаси со вода поради опасност од ширење на токсични материи преку подземни води, туку се затрупува.
На потпрашање дали поради овие води што се на депонијата на некоја државна институција ќе и
биде наложено да земе мостри за да се направат испитувања дали тие токсини продреле во почвата и во подземните води, Ангелов рече дека ќе ја послуша новинарската забелешка и тоа ќе го побара.
„Според моите информации, тоа редовно се прави, но ќе ја послушам вашата сугестија и ќе наложам да се направат вакви мерења. Овие токсични води се наоѓаат таму со години наназад, тие не се од денес или од пожарот. Ќе разговарам со одговорните во депонијата и ќе побарам одговори. Јавноста заслужува одговори и знам дека е потребен студиозен пристап во решавањето на проблемите на двете депонии ’Дрисла’ и Вардариште“,
рече директорот на ДЗС.
Тој најави дека денеска на терен е пуштен еден „ертрактор“ кој со користење посебна пена ќе се обиде да ја ублажи состојбата.
„Во однос на вчерашниот ден, денеска чадењето е значително помало и верувам дека до вечер ќе биде сосема намалено, а може истото и ќе прекине“,
рече Ангелов.
Во однос на депонијата Вардариште, која гори повеќе од десeтина денa, Ангелов рече дека денеска таму ситуацијата е смирена и нема никакво горење, ниту има чадење.
„Изминатите денови таму упатувавме по најмалку едно специјално возило ’хермелин’ на ДЗС кое истура вода на оние места каде што имаше чадење“,
додаде тој.
Ангелов најави и дека на Вардариште веќе се присутни екипи на агенција за обезбедување, кои патролираат околу неа. Тој не сакаше да го каже името на агенцијата, но рече дека станува збор за општествено-одговорна компанија и оти услугата што ја даваат Владата нема да ја чини ниту денар.
„Депонијата Вардариште ќе биде целосно обезбедена, веќе е ангажирана агенција за обезбедување, нејзина екипа е поставена на дивата депонија. Исто така, ќе се изработи план со кој детално ќе биде обезбедена оваа дива депонија за да се спречи непосaкуван влез во неа и нејзино повторно потпалување бидејќи, како што кажав, постојат сомневања дека и двете депонии се намерно потпалени“,
рече Ангелов.
Тој најави дека денеска имале седница на Управувачкиот комитет, на која била донесена одлука да се разгледа можноста за воведување забрана за движење на територијата каде се наоѓа дивата депонија Вардариште.
Очекува дека на денешната седница на Владата ќе биде одлучено дали ќе биде донесена ваква мерка или не.
„Се соочуваме со некои формално-правни пречки бидејќи на тоа место има, би рекол, една дива населба со неколку куќи, во која живеат припадници на една етничка заедница. Ние сме жртва на неколку семејства кои за да преживеат го трујат половина Скопје. Кога би имало енергична акција кон оваа категорија граѓани, ќе има доста јавни реакции, затоа Владата внимателно ги планира следните активности“,
рече Ангелов.
Според него, новоизбраниот градоначалник на Скопје, без разлика од која партија ќе биде, треба со поддршка на Владата да ги среди овие депонии.
„Се работи за обемен процес во кој треба да се вклучат и општините Гази Баба и Кисела Вода и други надлежни министерства и институции, и да започне процес на трајно решавање. Како влада имаме сериозна намера да се зафатиме со решавање на овие горливи проблеми. Затрупувањето на депониите е привремено решение. Во Вардариште има купишта подземно ѓубре и невозможно е да се посипе со земја и да се насади убава зелена трева бидејќи токсините ќе останат под земја. Посебно прашање од таму е колку токсини преку подземните води се слеваат во Вардар и околината“,
додаде тој.