Сè уште е активен пожарот во месноста Раштански Лозја, крај Скопје, а изгаснати се пет пожари на територијата на целата држава, информира вечерва Центарот за управување со кризи (ЦУК). Посочуваат дека во Раштански Лозја гореле сува трева и лозје, а интервенирано е со три противпожарни возила и со десет пожарникари.
Изгаснат е пожарот во атарот на селото Беловиште кон Куново, Тетовско, каде горела депонија. Се интервенирало со едно противпожарно возило, двајца пожарникари и четворица вработени од Национални шуми.
„РЦУК – Куманово од 14:10 до 16:00 часот интервенирале во ул. Бајрам Шабани на запалено стрниште, а во гаснењето на пожарот интервенирале со едно противпожарно возило и со тројца пожарникари. РЦУК – Битола од 09:41 до 11:25 часот интервенирале на пожар на запалено стрниште кај стариот млин на патот Битола – Прилеп. Таму е интервенирано со едно противпожарно возило и двајца пожарникари“,
информираат од ЦУК.
Од таму и информацијата дека во периодот од 14:00 до 15:20 часот се гаснел пожар на сува трева во село Горно Агларци, Општина Новаци. Во гаснењето на пожарот интервенирале двајца пожарникари со едно противпожарно возило. Притоа оштетена е една дрвена бандера за што е информирана компанијата ЕВН.
Од ЦУК велат дека е изгаснат пожарот на територија на Општина Градско меѓу селото Ногаевци и патарината. Таму имало пожар на отворен простор, а горела сува трева, ниска вегетација, шавар, багрем и јасика.