Градоначалникот Комненовиќ вели дека едно лице од селото Глуво, кое два дена учествувало во гаснење на пожарот, денеска побарало лекарска помош најверојатно поради вдишување чад

Пожарот кај селото Чучер во моментов е сконцентриран на едно место, но се интензивира поради ветрот. Сите екипи – пожарникари и граѓани со механизација се на таа локација за да не се дозволи огнената стихија да се прошири, вели градоначалникот на Општина Чучер Сандево, Сашко Комненовиќ, во изјава за „360 степени“.
Тој додава дека пожарот денеска е со послаб интензитет и оти се надева дека со заедничка координација на сите институции тој може да биде локализиран.
Комненовиќ вели дека едно лице од селото Глуво, кое два дена учествувало во гаснење на пожарот, денеска побарало лекарска помош најверојатно поради вдишување чад.
Тој додава дека денеска од пожарот нема зафатени објекти, но оти во текот на вчерашниот ден биле опожарени седум викенд-куќи.
„Од пожарот што трае веќе трет ден на подрачје на Општина Чучер Сандево имаме едно лице што побарало лекарска помош како последица на вдишување чад и седум опожарени викенд-куќи на местото викано Голиово“,
вели Комненовиќ.
Во врска со изјавите на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој денеска рече дека се невистинити информациите што се појавија вчера дека верски објекти, односно манастир или црква биле загрозени од пожарот, како и дека не е точно дека изгореле три куќи во селото Чучер, градоначалникот не сакаше да навлегува во таа изјава.
„Не сакам да навлегувам во тоа зошто е тоа така. Викенд-куќите не се изгорени, туку се опожарени“,
рече Комненовиќ.
Денеска, како што рече Комненовиќ, нема опасност за манастирот „Свети Никита“, но додаде околу него има противпожарно возило и 50-ина граѓани.
Комненовиќ вели дека во текот на денешниот ден бил пријавен пожар кај селото Кучевиште, кој е локализиран, а според тоа што можело да се види најверојатно е подметнат.
Тој додава дека забележал неколку од воените возила што се приспособени за гаснење пожари.
Градоначалникот, исто така, упати и апел до жителите на Чучер Сандево да не палат оган на отворено и потсети дека тоа е забрането во овој период од годината.
Инаку, утрово покрај противпожарните екипи на земја, во гаснење на пожарот на територијата на Општина Чучер Сандево повторно интервенираа два хеликоптери на Министерството за внатрешни работи, кои, како што што соопштија оттаму, за неколку часа исфрлиле над 70 тони вода.
Ситуацијата со пожарот во Чучер Сандево беше особено критична вчера попладне поради што градоначалникот на Општината, Сашко Комненовиќ, соопшти дека е прогласена вонредна состојба на ниво на општината бидејќи, како што кажа, ситуацијата со пожарот е сè уште сериозна и загрижувачка.