Во пожарот, како што соопштија утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК), едно лице се здобило со повреди – изгореници. Поради повредите, лицето било пренесено во Здравствениот дом во Берово

Беровските пожарникари синоќа во период од 22:55 до 00:30 часот со две возила и четири пожарникари интервенирале на запалена куќа во градот. Во пожарот, како што соопштија утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК), едно лице се здобило со повреди – изгореници. Поради повредите, лицето било пренесено во Здравствениот дом во Берово.
Од Територијалната противпожарна единица од Берово (ТППЕ) информираат дека во пожарот била зафатена трособна куќа во која покуќнината и една просторија биле опожарени. Пожарот, додаваат оттаму, бил локализиран со минимална штета. Пожарникарите успеале навреме да интервенираат и заштитени биле објектот до куќата и куќата во близина.
На местото увид извршила екипа на МВР, од каде што најавуваат дека дополнително ќе биде соопштена причината за пожарот.
Од ЦУК информираат дека изминатото деноноќие пожарникарите имале интервенции и во гаснење на неколку пожари на отворено. Оттаму апелираат да се слушаат препораките на пожарникарите и да не се палат отпадоци на отворено.
Исто така, од ЦУК апелираат и за внимателност при прошетките во природа на повисоките места и на планините бидејќи во зимски услови со снег и мраз е лизгаво, особено на осоите.
Инаку, на единствениот број за итни случаи 112 изминатите 24 часа имало вкупно 1 763 повици, од коишто „реални“ повици биле 40,22 отсто.