Вработените во објектот веднаш употребиле противпожарни апарати и успеале да го локализираат огнот пред да се прошири

Пожар избувнал во кујнски дел на угостителски објект во трговскиот центар во Кочани. Благодарение на брзата интервенција на вработените биле спречени посериозни последици по животот и имотот на граѓаните.
Пожарот настанал откако се запалило црево поврзано со плинска боца во кујната на објектот.
Вработените во објектот веднаш употребиле противпожарни апарати и успеале да го локализираат огнот пред да се прошири.
Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Кочани веднаш излегла на терен, ги изнела плинските боци на безбедно и го осигурила целиот простор.
Густиот чад преку вентилацискиот систем почнал да се шири кон станбениот дел, а неколку семејства од блокот А во Трговскиот центар превентивно ги напуштиле своите домови додека траела интервенцијата.
„Благодарение на брзата реакција, избегнати се посериозни последици“,
велат сведоци кои биле во близина на објектот.
На местото на настанот интервенирала и полицијата, а надлежните служби вршат детален увид за да се утврдат точните причини за настанот.
