Лекарите констатирале дека нема траги на насилство врз починатото лице
Почина маж од Штип кој се задушил во собата во која живеел. Утринава пред 7:30 часот во Полициската станица Штип бил пријавен пожар од страна на пожарникарите кои излегле на местото на настанот. Пожарот се случил на улица „19. Бригада“, каде што 68-годишниот маж живеел под кирија, а сопственикот на куќата утринава забележал чад од неговата соба и ја повикал противпожарната служба. И покрај брзата интервенција, кај 68-годишниот маж е констатирана смрт.
Полициски службеници биле на местото на настанот, увид извршил јавен обвинител, а смрт е констатирана од страна на Брзата помош Штип.
Командирот на Територијалната противпожарна единица Штип, Дарко Коцев, истакна дека на терен излегле со две возила и седум пожарникари утринава во 7:20 часот. На местото е затекнато изгорено човечко тело при што веднаш се повикани екипите на Брзата помош и полицијата. Лекарите констатирале дека нема траги на насилство врз починатото лице, а истражните органи треба да откријат како настанал пожарот.