Во селото за негова заштита од шумскиот пожар, се присутни Територијалната противпожарна единица од Гостивар (ТППЕ) со едно ПП возило, а и од ТППЕ Дебар, потоа неколкумина припадници на МВР, вработени од Националниот парк „Маврово“ и самоорганизирани луѓе од месното население
Армијата вечерва испрати 20 војници да помогнат во гаснењето на пожарот над селото Галичник, откако, поради силниот ветер хеликоптерот што требаше да учествува во гаснењето се повлече, соопшти вечерва Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Војниците вечерва се веќе во селото и според информациите се сместуваат во хотелот „Неда“.
Според последната информација, од ЦУК велат дека до испраќање на соопштениево, опасност не постои по куќите од селото.
Информацијата за пожарот над с. Галичник, во ЦУК е добиена денеска околу 13.30 часот. Шумскиот пожар заради засилениот ветар претставуваше потенцијална опасност за селото, но истовремено и опасност и за силите ангажирани за гаснење. Пожарот е на непристапен терен и гори борова шума. Поради ова Армијата испрати хеликоптер, кој стигнал најбрзо што можел, но не можел да дејствува, заради многу силниот и променлив планински ветер. Хеликоптерот бил принудно приземјен на најблиско можно место до Галичник. Екипажот бил подготвен да дејствува, согласно проценките за временските услови и силината на ветрот, а секако и се дури има и дневна светлина за видливост за летање и дејствување со хеликоптер за гаснење шумски пожар. На крајот од денот, хеликоптерот бил вратен во армиската база во Скопје.
Во селото Галичник, за негова заштита од шумскиот пожар, се присутни Територијалната противпожарна единица од Гостивар (ТППЕ) со едно ПП возило, а и од ТППЕ Дебар, потоа неколкумина припадници на МВР, вработени од Националниот парк „Маврово“ и самоорганизирани луѓе од месното население.
Се очекува вечерва од Општина Тетово, во координација со РЦУК Тетово, да пристигне и да биде во приправност и специјално мало противпожарно теренско возило токму за шумски пожари и тим пожарникари со конкретна рачна опрема за гаснење шумски пожари.