„Напонот ќе биде повторно воспоставен по известување од Противпожарната бригада дека теренот е безбеден и пожарот е изгаснат“, велат од „Електродистрибуција“
Командирот на Противпожарната бригада, Звонко Томевски, вели дека пожарот е ставен под контрола, но се работи на негово целосно гаснење

Околу 47 илјади жители на Скопје, претежно од делот на Општина Аеродром, денеска од пладне се без електрична енергија, информираат од „Електродистрибуција“.
Прекинот во напојувањето, како што велат од „Електродистрибуција“, е поради пожар на поранешната депонија Вардариште. Екипите, на барање на скопската Противпожарна бригада веднаш интервенирале на терен и ги исклучиле од напон трафостаниците „Скопје 4-Аеродром“ и „Скопје 4-Исток“.
„Напонот ќе биде повторно воспоставен по известување од Противпожарната бригада дека теренот е безбеден и пожарот е изгаснат“,
велат од „Електродистрибуција“.
Командирот на Противпожарната бригада, Звонко Томевски, вели дека пожарот е ставен под контрола, но се работи на негово целосно гаснење. Во гаснењето на пожарот, вели дека интервенираат 25 пожарникари со осум противпожарни возила.
„Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ) денеска од околу 12 часот во кругот на поранешната депонија Вардариште на поголема неутврдена површина гаснат запалена сува трева и отпаден материјал“,
велат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму, исто така, потврдуваат дека поради опасноста од зафаќање на трафостаница и електрични водови, превентивно струјата е исклучена и поради тоа поголемиот дел од Општината Аеродром е без електрична енергија.