Интервенцијата, како што информираа утрово од Министерството за здравство, траела кратко поради што немало потреба за евакуација на пациенти и вработени, како и од дополнителни безбедносни мерки
Синоќа во кругот на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола избувнал пожар што бил предизвикан од запалена сува трева.

Пожарот, како што соопштија утрово од Министерството за здравство, бил веднаш пријавен во Центарот за управување со кризи и во локалната противпожарна единица и по навремената и ефикасна интервенција на надлежните служби огнот бил локализиран за кратко време.
„Од страна на болницата беа преземени сите неопходни мерки за заштита и следење на ситуацијата. Нема никаква материјална штета врз болничките објекти ниту, пак, е загрозена безбедноста на пациентите и вработените. Работата на болницата се одвива непречено“,
се наведува во соопштението од Министерството.
Интервенцијата, како што додаваат оттаму, траела кратко поради што немало потреба за евакуација на пациенти и вработени, како и од дополнителни безбедносни мерки.
Во контекст на случајот, од Министерството за здравство велат дека континуирано ја следат состојба во сите здравствени институции.