Од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) информираа дека поради пожарот од 13:15 часот регионалниот пат Тетово – Скопје на потег од Добарски надвозник до бензинската пумпа „Џезо петрол“ е затворен за сообраќај и тој се пренасочува по автопатот Тетово – Скопје – Тетово, кај селата Групчин и Желино
Претходно од Центарот за управување со кризи го објавија билансот од ситуацијата со пожарите во земјава, инфoрмирајќи дека во изминатото деноноќие се изгаснати 30 пожари, шест се сè уште активни, а три се ставени по контрола

Нов пожар на отворено денеска избувна на територијата на општина Желино кон селото Еребино, тетовско, соопштија попледнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК) и од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Како што информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов во гаснењето на оваа огнена стихија веќе дејствуваат еден армиски хеликоптер, еден полициски камион марка со цистерна од 8 тона и воден топ, два „пинцгауери“, еден хермелин, 30 војници и повеќе екипи на скопската бригада за противпожарна заштита, заедно со пожарникарите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово.
Во гаснењето според Ангелов треба да се вклучат и два противпожарни авиони „ертрактор“ на Дирекцијата кои ќе полетаат во 16 часот.
Од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) информираа дека поради пожарот од 13:15 часот регионалниот пат Тетово – Скопје на потег од Добарски надвозник до бензинската пумпа „Џезо петрол“ е затворен за сообраќај и тој се пренасочува по автопатот Тетово – Скопје – Тетово, кај селата Групчин и Желино.
Претходно од Центарот за управување со кризи го објавија билансот од ситуацијата со пожарите во земјава, инфрормирајќи дека во изминатото деноноќие се изгаснати 30 пожари, шест се сè уште активни, а три се ставени по контрола.
Покрај новиот пожар во општина Желино, кој се движи кон селото Еребино, се уште е активен пожарот кај селото Нивичино на територијата на општина Василево, каде гори нискостебелеста шума. Активен пожар има и во село Грешница, општина Македонски Брод, кој зафатил мешана шума и ниска вегетација. Во општина Прилеп активен е пожарот меѓу селата Царевиќ и Смолани, каде гори мешана шума и ниска вегетација.
„Добивме информација дека во општина Сарај има пожар до обиколницата, каде гори сува трева. Поради силен ветер, пожарот во Велес меѓу селата Џидимирци – Крушје – Иванковци повторно е активиран со краци во неколку правци“,
рече на прес-конференција, Надица В’чкова од Главниот штаб за управување со кризи.

Како што информира таа под контрола се ставени пожарите кај селото Николиќ во општина Дојран, пожарите во општина Демир Хисар, во општина Македонски Брод, кај селата Црешнево, Локвица и Крапа, каде постои, како што рече, внатрешно минимално догорување.
Таа кажа дека во текот на денешниот ден покрај Територијалната противпожарна единица и екипите на Јавното претпријатие „Национални шуми“, во гаснењето на пожарот кај селата Царевиќ и Смолани во општина Прилеп ангажирани се и два „ертрактори“ на ДЗС за воздушна интервенција, а на пожарот кај село Нивичино во општина Васелево интервенираа два хеликоптери, еден на МВР, а еден на Армијата. За поддршка на терен се ангажирани и две специјализирани возила на ДЗС и 15 припадници на специјалните полициски сили.
„На пожарот кај село Грешница, општина Македонски Брод испратено е едно специјализирано возило ‘пинцгауер“ на ДЗС за поддршка на копнените сили. На потегот меѓу селата Џидимирци – Крушје – Иванковци во општина Велес ангажирани се две возила „пинцгауер“, како и триесетина припадници на Армијата. Дополнително хеликоптер на МВР ќе биде ставен во готовност и ќе интервенира по потреба, во согласност со приоритетите што ќе ги утврди Главниот штаб во текот на денот“,
рече В’чкова.
Од Министерството за внатрешни работи, претходно денеска информраа дека во утринските часови полициски хеликоптер од типот „бел 412“ исфрлил повеќе од 35 тони вода врз огнените точки на пожарот во Василево.