Огнот, како што информира директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, е во близина штипскиот затвор и се шири лево и десно од патот кон селото Драгоево. Екипи на штипската противпожарна бригада се на терен и интервенираат на локализирање на пожарот
Пожар доцна вечерва избувна покрај патот Штип – Радовиш, зафаќајќи нискостеблеста шума, грмушки и трева, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Пријавата за пожарот била примена преку единствениот број за итни случаи – 112.
Пожарот, како што информира Ангелов, е на излезот од Штип во близина на затворот. Екипи на штипската територијална противпожарна бригада се на терен и интервенираат на локализирање на огнот.
Пожарот, според информациите на директорот на ЦУК, се шири лево и десно од патот кон селото Драгоево.
Сериозен пожар вечерва пламна и во регионот на Липковско, на линијата од селата Слупчане – Ваксинце во насока кон Алашевце.
Денеска, противпожарните екипи се бореа и со големиот пожар кај Богданци во близина ветерниот парк. Пожарот избувна вчера, а денеска попладне беше изгаснат и екипите се повлекоа од местото. Покрај овие, во текот на денот ЦУК регистрираше уште 10 други пожари на отворено во државата.