Како што пренесуваат дел од српските медиуми, на пожарот му претходело пукање, при што е рането едно лице
Српскиот претседател Вучиќ вели дека нападот бил извршен со „недвосмислен и јасен политички мотив“ и дека конечното правно формулирање и квалификација на делото ќе го даде надлежното обвинителство

Пред Собранието на Србија претпладнево избувна пожар во шатор поставен од од студенти кои се спротивставуваат на блокадите.
Како што пренесуваат дел од српските медиуми, на пожарот му претходело пукање, при што е рането едно лице, а српскиот претседател Александар Вучиќ инцидентот го оквалификува како „терористички чин“.
Пожарот, кој уништил еден шатор, брзо е изгаснат со интервенција на три противпожарни возила. Околу зградата на Парламентот, каде во тој момент се одржувала седница, се распоредени голем број полициски сили, вклучувајќи ја и Специјалната антитерористичка единица.
Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, од Ургентниот центар соопшти дека ранетиот маж е во операциона сала со сериозни повреди.
„Разговарав со човекот кој бил застрелан и бил направен обид тој да биде запален. Сега е во операциона сала, со куршум во ногата“,
рече Лончар додавајќи дека пациентот тврди оти никогаш не го видел напаѓачот.
Министерот истакна дека напаѓачот пукал повеќепати, а потоа се обидел да предизвика пожар.
„Ова е последно предупредување за сите нас и не смее да се случи повторно“,
додава Лончар.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во вонредно обраќање од Палатата „Србија“ го потврди идентитетот на напаѓачот – станува збор за Владан А. (роден 1955 година) од Белград, пензионер и поранешен вработен во Државна безбедност.
„Денеска пред Домот на Народното собрание, ова е моја политичка проценка и како адвокат, беше извршен ужасен терористички напад врз други луѓе и туѓ имот“,
рече Вучиќ.
Тој додаде дека нападот бил извршен со „недвосмислен и јасен политички мотив“ и дека конечното правно формулирање и квалификација на делото ќе го даде надлежното обвинителство.
По инцидентот пред српското Собрание, Амбасадата на САД издаде безбедносно предупредување, советувајќи ги американските граѓани да ја избегнуваат областа околу Парламентот.
🚨 Security alert: On October 22, there was a shooting, resulting in an undetermined number of injuries, followed by a fire near Pionirski Park, located across from Parliament in downtown Belgrade. At this time, the incident appears to be localized and there are no known threats… pic.twitter.com/SzYs9lxOFl
— Američka ambasada (@USEmbassySerbia) October 22, 2025
Како што објави Амбасадата на мрежата Икс, имало пукање во кое непознат број луѓе биле повредени, по што избувнал пожар во Пионирскиот парк пред улицата на Парламентот, во центарот на Белград.
„Во овој момент, инцидентот се чини дека е локализиран и нема познати закани за американските граѓани. Амбасадата им советува на сите американски граѓани да ја избегнуваат областа“,
се вели во објавата.
По пожарот пред српското Собрание, студентите во блокада на Икс рекоа дека нивниот пат никогаш не бил пат на насилство.
Naš put nikada nije bio put nasilja. ❤️ pic.twitter.com/yZx1iRfGA3
— Studenti_U_Blokadi (@studentblokade) October 22, 2025