„Газпром“ денеска во соопштение до медиумите вели дека во зимскиот период е можно цената на гасот во ЕУ да надмине и 4 000 долари за 1 000 кубни метри
Првпат од 8 март цената на гасот во Европа денеска се искачи над 2 450 долари за 1 000 кубни метри, што претставува дневен скок за повеќе од 6 отсто, покажуваат податоците на лондонската берза ИЦЕ.
Цената на гасот што треба да се испорача во септември денеска достигна 2 464 долари за илјада кубни метри, или 234,5 евра за мегават-час, според курсот на доларот во однос на еврото.
„Газпром“ денеска во соопштение до медиумите вели дека е можно цената на гасот во ЕУ во претстојната зима да надмине и 4 000 долари за 1 000 кубни метри.
Од компанијата исто така велат дека извозот на гас во земјите надвор од Заедницата на независни држави (ЗНД) е намален за 34,7 отсто на 75,3 милијарди кубни метри во периодот јануари-јули 2022 година.
Гасоводот „Северен тек 1“, со кој се транспортира гас од Русија до Европа, работи од 27 јули со околу 20 отсто капацитет поради исклучување на две гасни турбини. Една од турбините се наоѓа во Германија, каде што е испорачана по ремонтот што го изврши „Сименс енерџи“ во Канада, а „Газпром“ на 25 јули објави дека поради поправки на моторот бил принуден да ја исклучи втората турбина во компресорската станица во Портоваја и во моментов само една турбина е во функција.