Анексот предвидува и нови 186 милиони евра за довршување на проектот, со што вкупната вредност дополнително ќе се зголеми
Новиот краен рок до кога треба да бидат завршени градежните работи на автопатот Кичево – Охрид да биде 31 мај 2027 година, се предвидува со анексот број 8 на договорот меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и кинескиот изведувач „Синохидро“.
Собранието вчера ги изгласа измените на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, со што се отвора патот за потпишување на анексот.

Тоа значи повторно пролонгирање на рокот за завршување на овој автопат, а причините за тоа се дополнителни и непредвидени градежни работи, изменета проектна документација и потреба од нов рок за добивање употребна дозвола.
Анексот предвидува и нови 186 милиони евра за довршување на проектот, со што вкупната вредност дополнително ќе се зголеми.
Средствата се наменети за стабилизација на свлечиштата преку изградба на 14 галерии, поставување еластична одбојна ограда според европските стандарди, изградба на паралелни пристапни патишта за поврзување на населените места покрај трасата, како и за контролен центар за тунелите, вклучително и тунелот Пресека.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека една од клучните причини за новиот анекс е тоа што во првичниот проект од 2013 и 2014 година не биле направени соодветни геотехнички истражувања поради што сега се јавиле дополнителни потреби за заштита и стабилизација на теренот.
Втора причина, според него, е рокот за обезбедување употребна дозвола, а трета е договорот со изведувачот да се откаже од сите досегашни и потенцијални побарувања до крајот на 2026 година.
Според нацрт-анексот, рокот за завршување на работите се продолжува од 4 627 на 4 778 дена, во согласност со правилата на ФИДИК, поради значителни измени во обемот и количината на работите.
Надзорот оценува дека новиот рок е технички оправдан и реално остварлив, но под услов да се обезбедат добра организација и навремено финансирање.
Автопатот долг 57 километри се гради од 2014 година.
Досега се пуштени околу 40 километри, и тоа делниците Врбјани – Ботун и Климештани – Охрид, додека другиот дел сè уште е во изградба.
Заклучно со крајот на минатата година, реализирани се над 557 милиони евра, што претставува повеќе од 93 проценти од предвидените средства.
