На местото на настанот биле испратени неколку полициски единици, како и припадници на специјални полициски единици, а истрагата сè уште е во тек

ФОТО: Веб-страница на словенечката полиција
Нема повредени во синоќешната пукотница во населбата Брезје – Жабјак во близина на Ново Место, пренесуваат словенечките медиуми.
Полицијата вчера вечерта околу 20:30 часот добила пријави дека има пукање во населбата Брезје – Жабјак. Полициската управа од Ново Место соопшти оти граѓаните пријавиле дека се слушнале неколку поединечни и рафални истрели.
На местото на настанот биле испратени неколку полициски единици, како и припадници на специјални полициски единици. Според првичните информации, нема повредени, а истрагата сè уште е во тек.
Директорот на полициската управа во Ново Место, Игор Јурич, за вечерната програма на „24 часа“ изјави дека полицијата добила и пријава за прекршок во ромската населба во Шмихел. Припадниците на специјалната единица на местото на настанот утврдиле дека немало сериозно прекршување, туку само канти за ѓубре биле поставени преку патот.
Градоначалникот на Ново Место, Грегор Мацедони, претходно изјави дека таму имало и пукање, што полицијата го негираше.
Инаку, во ноќта од петокот кон саботата во центарот на Ново Место се случи напад врз граѓанин, кој претрпел сериозни повреди на главата, а подоцна починал во болница. Нападот се случи во саботата околу 2:30 часот наутро, кога маж дошол во бар на улицата „Розманова“ за да го земе својот син, кој му се јавил бидејќи му се заканиле група Роми. Според првичните информации, мажот бил претепан од групата, а полицијата досега уапсила 20-годишен осомничен припадник на ромска заедница, пренесоа словенечките медиуми.
По овој настан, премиерот на Словенија, Роберт Голоб, свика кризен состанок, на кој министерката за правда Андреја Катич и министерот за внатрешни работи Боштјан Поклукар понудија оставки, а Голоб ги прифати.
На седницата на Советот за национална безбедност беше донесена одлука за зголемување на присуството на полицијата во Ново Место, испраќање дополнителни сили таму од други делови на Словенија и активирање на специјални полициски единици доколку е потребно.
