Пред Палатата на правдата во Белград, вечерва започна протест на студенти и граѓани поради, како што соопштија учесниците, нелегалното притворање на студенти и учесници на вчерашниот голем протест
И вечерва на неколку локации во Белград се одржуваат протести, пренесуваат српски Н1.

Пред Палатата на правдата во Белград, вечерва започна протест на студенти и граѓани поради, како што соопштија учесниците, нелегалното притворање на студенти и учесници на вчерашниот голем протест.
Сообраќајот е блокиран и во близина на населбата Автокоманда, но и кон населбите Земун и Вождовац. Попречен е и сообраќајот на Панчевачкиот мост.
Насобраните извикуваат:
„Пуштете ги сите. Вучиќ си оди“.
Според директорот на српската полиција Драган Васиљевиќ, десетици лица се приведени во инцидентите што се случија вчера по протестот во центарот на Белград. Меѓу нив се и неколку студенти.
Од Вишото јавно обвинителство во Белград, српското Министерство за внатрешни работи и Безбедносната-информативна агенција соопштија дека се уапсени осум лица поради сомневања за кривично дело – подготовка на кривично дело против уставниот поредок и безбедноста на Србија.
Властите тврдат дека приведените организирале и подготвувале напад врз државните институции, блокирање патишта, уривање на градилиштето „Експо“ и други видови насилство со цел да предизвикаат хаос во земјата и насилни промени на уставниот поредок.
Инаку, во Белград вчера се одржа масовен собир на плоштадот „Славија“ под слоганот „Се гледаме на Видовден“. Собирот почна околу 18 часот. Но, откако студентите во блокада околу 21 часот прогласија дека собирот е завршен, дел од демонстрантите кои останаа пред полицискиот кордон почнаа да фрлаат камења, петарди и шишиња.
Потоа, од страна на полицијата беа употребени и солзавци за растерување на толпата.
Ултиматумот на студентите во блокада до Владата на Србија беше да распише вонредни парламентарни избори и да го прекине собирот што се одржува веќе неколку месеци во Пионирскиот парк и пред Народното собрание за продолжување на универзитетската година.