Од „Пејпар Мил“ преку соопштение ги негираат обвинувањата. Велат дека нивните мерењата покажуваат дека загадувањето е во рамки на дозволеното, а користат био-гориво од сончогледови пелети за целиот технолошки процес
Со тврдење дека воздухот во Кочани е загаден од фабричкиот оџак на „Пејпар мил“, жителите на Кочани, денеска повторно протестираа пред фабриката за хартија.
За да се спречи натамошно загадување, Иницијативната група граѓани бараат фабриката да работи на метан, како што било на почетокот кога не се ни чувствувало какво било загадување, но, како што велат, фабриката „на своја рака “ почнала да го менува типот на горивото, што според нив, сега го загадува воздухот.
„Го заменија типот на гориво кој што им е дозволен и очигледно со покровителство, бидејќи ова трае веќе со години, продолжуваат да работат надвор од тоа што е пропишано со нивната лиценца“,
кажа Жаклина Филипова, од Иницијативата „За чист воздух“.

Од „Пејпар Мил“ преку соопштение ги негираат обвинувањата дека се најголеми загадувачи. Оттаму велат дека нивните мерењата покажуваат дека загадувањето е во рамки на дозволеното, а користат био-гориво од сончогледови пелети за целиот технолошки процес.
„При инспекцијата беше утврдено дека Пејпар Мил работи во согласност со А интегрираната дозвола и под граници на дозволеното на речиси сите параметри, додека отстапки беа нотирани во емисијата на јаглероден моноксид. Согласно решението на Државниот Инспекторат за животна средина со кое се задолжи Пејпар Мил да изврши мерење на параметрите на емисиите од стационарниот емитер-оџак во воздух, три месеци редоследно и притоа да се направат лабораториски анализи на составот на пелетот што се користи како горивно средство во технолошкиот процес, Пејпар Мил ги изврши истите и ги достави до Државниот инспектор за животна средина во канцеларијата во Штип“,
велат од фабриката.

Протестите во Кочани се активираа повторно, по пауза од една година. Во најава е и голем собир.