Градоначалникот на Општина Македонски Брод, преку бројот за итни случаи 112, официјално побарал и воздухопловна поддршка за помош на копнените сили

Пожар повторно се активираше во кругот на фабриката за оружје и муниција „АТС АММО“ во населбата Самоков, Македонски Брод, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во моментов, како што велат од ЦУК, гори ниска вегетација, трева и дрвја, како во, така и надвор од кругот на фабриката. Засега нема зафатени производни хали или магацински капацитети.
Повторното активирање на пожарот било пријавено околу 13 часот од командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Македонски Брод. Иако претходниот пожар во магацинот беше локализиран пред неколку дена, во текот на ноќта била забележана експлозија на буре со хемикалии складирани во веќе зафатениот магацин. Денеска се случила и втора експлозија на друго буре со хемикалии, по што пожарот повторно се разгорел.
На терен интервенира една противпожарна екипа со едно возило од Територијалната противпожарна единица во Македонски Брод. Поради сложеноста на теренот и опасноста од ширење, градоначалникот на Општина Македонски Брод побарал поддршка од противпожарните екипи од Прилеп и Кичево. Прилепските пожарникари веќе испратиле едно противпожарно возило со екипа на лице место.
Градоначалникот на Општина Македонски Брод, преку бројот за итни случаи 112, официјално побарал и воздухопловна поддршка за помош на копнените сили.
Од ЦУК велат дека веднаш ги процесуирале барањата до МВР, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија. Оттаму најавуваат дека ќе останат во координација со сите надлежни институции и ќе ја информираат јавноста за понатамошниот тек во врска со овој пожар.
Освен за овој пожар, од ЦУК информираат дека до 14 часот, во земјава се евидентирани вкупно осум активни пожари на отворен простор. Активни пожари има кај прилепското село Бешиште, кај селата Црешнево и Слатино во Македонски Брод, во Општина Чашка под Солунска глава. Исто така, активни се и пожарите во Општина Чучер Сандево помеѓу селата Блаце и Чучер и кај селото Белаковце во Општина Старо Нагоричане.
Инаку, во саботата вечерта Регионалниот центар за управување со кризи Македонски Брод информираше дека настанал пожар во населбата Самоков, во фабриката за муниција и оружје „АТC AMMO“. Според нивните информаци, опожарени беа магацин и хала со хемикалии.