Претходно, поради надминат праг на алармирање, мерки и препораки за Струмица беа издадени на 8 јануари
Во Струмица повторно е надминат прагот на алармирање поради зголемена концентрација на суспендирани честички со големина од 10 микрометри, поради што во сила стапуваат мерки и препораки за заштита од аерозагадување.

Ова попладнево го соопшти Министерството за животна средина и просторно пларнирање (МЖСПП) повикувајќи се на податоците на Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), според кои вредноста од 150 микограми на кубен метар на ПМ 10 честичките била надмината два последователни дена во овој град.
Според податоците, завчера просечната дневна концетрација на ПМ 10 честичките изнесувала 201,75 микрограми на кубен метар, а вчера била 152,81 микрограми на кубен метар.

Претходно, поради надминат праг на алармирање, мерки и препораки за Струмица беа издадени на 8 јануари годинава.
Како и тогаш, и сега од мерките што ги предлагаат од Министерството се интензивирање на вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-интегрирана еколошка дозвола, како и да има контрола на терен на инсталациите со Б-интегрирани еколошки дозволи и елаборати.
Се препорачува да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние што се на дизел-горива и нерегистрирани возила.
Потребно е да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата, а има забрана и за горење на отворено.
Препорака има и за сите правни субјекти да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
Работното време на лицата што работат на отворено треба да биде реорганизирано, односно од 11 до 17 часот.
Исто така, се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Инаку, според моменталните податоци на платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју ер“, индексот на загаденост во Струмица е 177 и е означен во категоријата „нездрав“.
Како главен загадувач се наведени ПМ 2,5 честичките, чија концентрација е 92,4 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 50 микрограми на кубен метар.