Граничниот премин „Дојран“ засега останува единствениот на кој нема блокади и сообраќајот за влез и излез од Грција се одвива непречено
Околу 14 часот по локално време грчките земјоделци повторно го затворија граничниот премин „Евзони“ за влез и за излез од Грција кон нашата земја, пренесува МИА.
На грчка страна од границата паркирани се над 300 трактори, а блокадата се очекува да трае до 22 часот.

Блокада на овој премин имаше и во текот на вчерашниот ден во претпладневните часови, како и од 18 до 22:30 часот, по што сообраќајот се нормализира и сè до денеска попладне се одвиваше непречено.
Граничниот премин „Дојран“ засега останува единствениот на кој нема блокади и сообраќајот за влез и излез од Грција се одвива непречено.
Грчките земјоделци низ целата држава имаат поставено вкупно 14 блокади со над 6 000 трактори, од кои два се на граничните премини „Евзони“ и „Ники“ („Меџитлија“), каде што блокадата денеска траеше кратко, а вчера беше наменета само на товарни возила.
Пракса на земјоделците е да не ги најавуваат блокадите, со оглед на тоа што тракторите и земјоделските возила се паркирани на преминот и остануваат таму. На секојдневни состаноци, земјоделски комисии одлучуваат кога и на колку време ќе блокираат.
Земјоделците од Солун денеска се обидоа со тракторите да стигнат до солунскиот аеродром и таму да постават нов блок, но беа спречени од полицијата, поради што се употреби и солзавец.
Во близина на Лариса има околу 1 8000 трактори, а блокада има и на излез од Солун во правец на Атина.
На повеќе локации од блокадите, земјоделците поставија и новогодишни елки, што се толкува како порака дека нема да отстапат во барања и дека празниците ќе ги поминат на улица.
Протестите започнаа во неделата, а најавено е нивно постепено интензивирање до 5 декември. Засега нема информации до кога ќе траат.
