„На барање на многубројни граѓани и поттикнати од интересот на медиумите, електронската апликација за закажување термин за издавање на лични документи повторно е достапна преку националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk“, информираат од Министерството за дигитална трансформација
Министерството за дигитална трансформација информира дека закажувањето термин за издавање лични документи – лична карта, возачка дозвола и пасош – повторно е достапно преку националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk. Посочуваат дека процедурата е едноставна и достапна од кој било електронски уред.

„На барање на многубројни граѓани и поттикнати од интересот на медиумите, Министерството за дигитална трансформација ја информира јавноста дека електронската апликација за закажување термин за издавање на лични документи повторно е достапна преку националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk. Граѓаните сега можат брзо и лесно, без чекање и турканици, да закажат термин за издавање на лична карта, пасош и возачка дозвола“,
соопштија денеска од Министерството за дигитална трансформација.
Оттаму велат дека со ваквата иницијатива Министерството продолжува со својата мисија за дигитализација на јавната администрација обезбедувајќи поквалитетни, побрзи и поефикасни услуги за граѓаните.
„360 степени“ тестираше околу 120 електронски услуги на националниот портал за е-услуги. Генералниот заклучок од тестирањето е дека дел од услугите се достапни и функционираат, за дел пишува дека се во прекин, а за преостанатите не може да се провери бидејќи се достапни само во одредени периоди. За дел од услугите е кристално јасно дека во моментов само проформа се наведени како дигитални како на пример – барањата за вадење или обнова на лична карта, пасош или возачка дозвола. Во однос овие услуги, министерот Стефан Андоновски изјави:
„Ветувањето е дека некаде во наредните месец дена ќе ги вратиме овие услуги, затоа што се чекаше да се реши проблемот најпрвин со пасошите и личните карти, а потоа и со реновирањето на управните служби во Скопје каде што се случуваат практично најголемите метежи. Но во последните разговори со министерот имам информација дека оваа услуга која навистина беше многу користена од граѓаните ќе се врати повторно на порталот.“