Оттаму додаваат дека претседателот на Собранието веќе одржал два работни состанока со претставници на ДИК, со кои биле разгледани сите правни и оперативни аспекти поврзани со повторувањето на процесот во овие општини

Претседателот на Собранието Африм Гаши постапува само врз основа на роковите и процедурите утврдени во Изборниот законик за одредувањето на датумот за повторените избори за градоначалник во Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуше и Центар Жупа. Затоа, датумот на изборите ќе биде објавен во горенаведениот законски рок и јавноста ќе биде известена во наредните денови, информираат од кабинетот на собранискиот спикер.
„Процесот на распишување на изборите не е воден од индивидуални преференции или предлози, туку од два фундаментални принципа – задолжителното почитување на законските рокови од Изборниот законик, вклучувајќи ги и новите одредби од член 132-а, донесени во март 2024 година; и проценката и подготвеноста на Државната изборна комисија, како надлежна институција за организирање и спроведување на изборниот процес“,
велат од кабинетот на Гаши.
Во овој контекст, додаваат оттаму, претседателот на Собранието веќе одржа два работни состанока со претставници на ДИК, со кои беа разгледани сите правни и оперативни аспекти поврзани со повторувањето на процесот во овие општини.
Пратеникот од крилото на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари, Халил Снопче, вчера го повика Гаши да покаже институционална независност и во законскиот рок, пред Нова година, да ги распише повторните избори во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Жупа, за тие да завршат до крајот на декември и да им се овозможи и на иселениците да гласаат.
Пратеникот изрази сомневање дека одложувањето на објавувањето на резултатите од ДИК било намерно и координирано со Владата, со цел, како што нагласи, да се избегне периодот кога иселениците се во земјава.
