Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), право на глас во четирите општини имаат 128 286 граѓани, а се гласа на вкупно 215 избирачки места
Маврово-Ростуше, Гостивар, Врапчиште и Центар Жупа се четирите општини во кои денеска се одржуваат повторени избори за градоначалници. Изборите во овие општини се повторуваат поради недоволниот одзив на гласачи во првиот круг од локалните избори што се одржа на 19 октомври минатата година.

Согласно одредбите од Изборниот законик, за изборите да се сметаат за успешни, на гласање треба да излезат најмалку една третина од гласачите или 33,33 отсто од гласачите кои се запишани во Избирачкиот список во конкретната општина. За да се избере градоначалник на повтореното гласање, пак, потребно е за еден од кандидатите да гласаат повеќе од половината од граѓаните што ќе излезат на изборите.
Гласањето започна во 7 часот утринава и ќе трае до 19 часот кога почнува броењето на гласовите.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), право на глас во четирите општини имаат 128 286 граѓани, а се гласа на вкупно 215 избирачки места. Во Избирачкиот список во Гостивар се запишани 82 870 граѓани со право на глас, во Маврово-Ростуше 10 575 избирачи, во Врапчиште 27 279 избирачи, а во Центар Жупа право на глас имаат 7 562 лица.
Во овие четири општини вчера гласаа болните и изнемоштените лица и затворениците. Од 248 пријавени, до 19 часот вчеравечер своето право на глас во овие општини го дадоа вкупно 242 болни или изнемоштени лица. Од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, пак, гласале 45 затвореници.
