Во Кичевско и натаму има пообилни врнежи од дожд, поради што се зголемени водостоите на реките Зајашка и Треска, но според информациите на ЦУК, засега се под нивото на излевање. Најкритично е на улицата „Прилепска“ каде што се поплавени 125 објекти, а 150 луѓе се евакуирани и се сместени во спортската сала „Христо Узунов“
Состојбата во повеќето делови на земјата е стабилна, со слаби до повремени врнежи од дожд и зголемени водостои, но без сериозни нарушувања, без излевања на реките и поплави, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) во извештајот до 16 часот попладнево.

Состојбата во Северозападниот Регион е стабилна, но врнежите од снег и дожд предизвикуваат потешкотии на патните правци Тетово–Скопје и Тетово–Гостивар. Од „Македонија пат“ е побарано да интервенира за одржување на коловозот и обезбедување безбеден сообраќај.
Во Источниот Регион има слаби врнежи од дожд и зголемен водостој на реките, но нема поплавување.
„Во општината Кочани на Оризарска Река од понеделник продолжува работа на механизација на ‘Водостопанство’ за спуштање на водостојот и спречување на евентуални проблеми“,
наведуваат од ЦУК.
На патниот правец Истибања–Делчево до граничниот премин има почести пријави за одрони на камења. Екипи на „Македонија пат“ се на терен и во координација со СВР Штип се регулира одвивањето на сообраќајот.
Во Кичевско и натаму има пообилни врнежи од дожд, поради што се зголемени водостоите на реките Зајашка и Треска, но според информациите на ЦУК засега се под нивото на излевање. Најкритично е на улицата „Прилепска“ каде што се поплавени 125 објекти, а 150 луѓе се евакуирани и се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
„Екипи на ЈП ‘Комуналец’ со механизација работат на насипи и проширување на коритото на Зајашка Река, како и на чистење на воден канал во населба Иванидол. ДЗС Кичево е на терен и е подготвена за интервенција со вреќи со песок, а фирмата ‘Инсталација’ расчистува кај училиштето ‘Санде Штерјоски’ и градинката ‘Ластовички’“,
додаваат од Центарот за управување со кризи.
Во Југозападниот Регион има слаби врнежи, дотокот на реката Радика е зголемен, но без опасност од излевање. Во меѓувреме, екипи на „Македонија пат“ се на терен и интервенираат на отстранување на евентуални одрони на регионалниот пат Маврово–Дебар и Дебар–Струга.
