Во болницата во Кочани во функција е ставена и хипербарната комора, која е добиена како донација
Дваесет и седум повредени во пожарот во т.н. дискотека во Кочани од денеска можат да одат на рехабилитација во Општата болница во овој град. По болничкиот третман во странство и земјава, во кочанската болница медицинска нега за закрепнување од повредите добиваат уште 11 лица.

Тие се распоредени на одделенија за неврологија, хирургија и физикална терапија.
„Нивната здравствена состојба е стабилна“,
велат од оваа болница.
Оттаму информираат и дека течат обуките за медицинскиот персонал од Одделението за физикална терапија од штипската Клиничка болница, кои ги реализираат лекари од Велика Британија и Шпанија, што имаат искуство за третирање на изгорениците и фрактурите со кои се здобија повредените во трагичната несреќа во Кочани.
Во болницата во Кочани во функција е ставена и хипербарната комора, која е добиена како донација.
„Ваквата терапија ќе овозможи брза и успешна ревитализација на кожата со изгореници, како и интоксикација на организмот, по вдишувањето на чадот во пожарот“,
информираат од кочанската болница.
Според експертите, еден час во хипербарична комора заменува седум до 10 дена престој на планина.