Пред болницата во Кочани се наоѓаат голем број блиски и роднини на повредените и на починатите. Општинската организација на Црвениот крст прави списоци за утврдување на идентитетот на загинатите лица
Десетици починати и речиси 100 повредени е првичниот неофицијален биланс по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, пренесуваат неколку медиуми повикувајќи се на лекарски и полициски извори. Повеќето од повредените лица се пренесени во кочанската општа болница, каде што сè уште им се укажува медицинска помош.
Поради сериозноста на повредите здобиени како резултат на пожарот и вдишување чад, дел од повредените се пренесени во Клиничката болница во Штип, во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје и на скопските клиники.
Пред болницата во Кочани се наоѓаат голем број блиски и роднини на повредените и на починатите. Општинската организација на Црвениот крст прави списоци за утврдување на идентитетот на загинатите лица.
Во првичната информација од МВР за МИА се посочува дека најмалку 50 лица се загинати во дискотеката во Кочани во која ноќеска избувнал пожар за време на концерт на позната група.
Според информациите објавени во дел од медиумите, пожарот најверојатно настанал поради употреба на пиротехнички средства.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски веќе се наоѓа на местото на несреќата и се очекуваат првите информации за трагедијата. Кон местото на несреќата се упати и премиерот Христијан Мицкоски.
Сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани, се на терен. Бројот на жртви и повредени се утврдува. Сè уште се преземаат дејствија и се врши увид.
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈО ГОКК се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување.