Деветнаесет патници од автобус, возачот на автобусот и уште еден возач на автомобил се повредени во сообраќајната несреќа што се случила синоќа на автопатот Куманово-Табановце, информираше денеска МВР.
Сообраќајката се случила во 21.50 на автопатот Куманово – граничен премин Табановце, пред клучката за Крива Паланка помеѓу автобус „крафтер“ со кумановски регистарски ознаки, управуван од Н.А. (39) од Куманово и патничко моторно возило „бе-ем-ве“ со бугарски национални ознаки, управувано од Н.М. (28) од Куманово.
Во несреќата 19 патници од автобусот и двајцата возачи се здобиле со телесни повреди, по што биле пренесени во Општата болница во Куманово за укажување лекарска помош.
„Повредените имаа телесни повреди, само еден е задржан за понатамошно иследување“, изјави доктор Стефан Трајановски, хирург ортопед од кумановската општа болница.