Несреќата се случила синоќа околу 00:50 часот помеѓу патничко возило „хјундаи туксон“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од 36-годишниот Јанчев, и мопед управуван од 16-годишник од скопско Идризово. Со тешки телесни повреди се здобиле малолетникот и неговата 13-годишна сопатничка, додека Јанчев и неговиот сопатник се здобиле со телесни повреди

Синоќа, речиси еден час по полноќ, во селото Марино во Општина Илинден, се случила сообраќајна несреќа во која учествувал пратеникот на Левица од Гевгелија, Сашко Јанчев.
Несреќата се случила околу 00:50 часот помеѓу патничко возило „хјундаи туксон“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од 36-годишниот Јанчев, и мопед управуван од 16-годишник од скопско Идризово.
Според МВР, во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле малолетникот и неговата 13-годишна сопатничка од населбата Илинден, констатирани во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Со телесни повреди се здобиле Јанчев и неговиот сопатник Х. М. (25) од Вевчани, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
„Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје, а околу 04:00 часот по наредба на јавен обвинител, возачот С. Ј. е лишен од слобода и приведен во полициска станица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела загрозување на безбедноста на сообраќајот по член 297 и тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот по член 300 од Кривичниот законик. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава“,
соопшти МВР.
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека е поведена постапка против возачот на автомобилот, кој е осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
„Осомничениот, околу еден часот по полноќ денеска, во селото Марино, управувал автомобил ‘хјундаи туксон’ спротивно на член 25 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, така што со возилото најпрво преминал на левата страна од коловозот, а веднаш потоа свртел во десно, без претходно да се увери дека тоа може да го направи без опасност по другите учесници во сообраќајот. Како резултат на тоа, при наглото свртување, во десниот страничен дел од возилото со кое управувал удрил мопед ‘јијинг’ без истакнати регистарски ознаки, управуван од 16-годишен малолетник. Од ударот, возачот на мопедот и неговата 13-годишна сопатничка, кои во моментот на несреќата не носеле заштитни кациги, се здобиле со тешки телесни повреди. Со полесни телесни повреди се здобил сопатникот во автомобилот ‘хјундаи туксон’“,
соопшти Обвинителството
Од Обвинителството велат дека, по извршените анализи, кај двајцата возачи не е утврдено присуство на алкохол или други супстанци во крвта.
„По наредба на јавен обвинител ќе се изврши сообраќајно вештачење, а автомобилот и мопедот се подигнати за вонреден технички преглед. Имајќи ги предвид сите околности, со цел обезбедување присуство на осомничениот и непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител предложи да се определат мерки на претпазливост – привремено одземање на патна исправа и привремено одземање на возачката дозвола“,
додаваат од Обвинителството.
По настанот остро реагирааше Левица велејќи дека се појавиле бројни дезинформации во врска со сообраќајната несреќа која, како што велат, била пријавена од нивниот пратеник Сашко Јанчев, а кои воопшто не одговараат со фактичката состојба на терен.
„Сообраќајната несреќа се случила ноќеска по полноќ, при удар на нерегистриран и неисправен моторцикл без светло, управуван од малолетник без возачка дозвола и без заштитна кацига, кој возејќи со неприлагодена брзина на патот, практично се забил во совозачката врата на автомобилот управуван од пратеникот Јанчев, кој во тој момент имал вклучен трепкач за вртење десно“,
соопшти Левица.
Од партијата велат дека според информации на очевидци, пратеникот управувал со возилото совесно, согласно сообраќајните правила и прописи.
„За жал, несреќата се случила за миг и практично не можела да се избегне, по што пратеникот на Левица постапил сосем присебно и одговорно и самиот лично повикал полиција и Брза помош, која на местото на настанот пристигнала дури по 40-ина минути“,
додаваат од Левица.
Од Левица велат дека ќе го чекаат вештачењето и крајот на официјалната истрага што ја води Обвинителството и, како што велат, ќе продолжат да ја информираат јавноста навремено и транспарентно бидејќи немале што да кријат.