Од невладината организација АРНО ги повикуваат младите од земјава да формираат тимови и да аплицираат на повикот до крајот на месецов
Досега на регионално ниво поддржани се вкупно 274 млади и 88 идеи од Западниот Балкан. Млади луѓе од регионот основаа социјални бизниси на пример, за изработка на облека и модни додатоци за интегрирање на жени-бегалки во Србија, планинарски тури за промоција на локален алтернативен туризам и поддршка на локалното население во Валона, Албанија, како и нов концепт на градинка на отворено за првпат во Македонија (во Штип)

Невладината организација АРНО соопштува дека преку проектот RISE, отворен е трет повик за поддршка на млади претприемачи од регионот на Западен Балкан за развој на идеи за социјални претпријатија.
Се нуди едукативна и финансиска поддршка за младите (од 16 до 35 години) да ги трансформираат своите идеи во бизниси, со кои ќе им помагнат на заедниците и ќе придонесат за заштита на животната средина. Од АРНО ги повикуваат младите од земјава да формираат тимови и да аплицираат на повикот преку пополнување на формулар до 31 октомври.
Учесниците кои ќе бидат избрани ќе имат можност да учат од искусни ментори и експерти за зелено буџетирање, видови на бизнис модели (покрај класичното продај-купи), како да го откријат својот brand’s spirit animal, ефективни и креативни комуникации со јавноста и слично. Победничките тимови од првата фаза ќе добијат и финансиска поддршка (без обврска да регистираат ново правно лице, иако би биле силно охрабрени за таков чекор), и дополнително, на победниците ќе им следува и мини грант за регионална мобилност со кој ќе бидат во можност да посетат друга идеја/институција од регионот корисна за нивниот развој.
„Во Европската Унија се зголемуваат фондовите за социјалните претпријатија, и одлично е што и кај нас ќе се носи закон за социјално претприемништво и оваа тема ќе биде се повисоко на агендата. АРНО ги охрабрува младите, но и колегите од здруженијата, медиумите, општините, приватниот сектор да се вклучат во програмите во било каков формат, особено кога светот го „тресат“ енергетски, безбедносни и економски кризи. Ние преку друг натпревар во АРНО видовме како млади од соседна Грција уште пред 7 години формираа енергетски задруги и зајакнаа цели села благодарение на социјален бизнис. Сведочиме за успеси и на наши млади и очекуваме тие и сега да покажат иновативност, оптимизам и амбиција“,
изјави Марјан Ицоски, координатор на проектот во АРНО.
Во првите две изданија на RISE на регионално ниво поддржани се вкупно 274 млади и 88 идеи од Западниот Балкан, од кои денес дел прераснаа во функционални социјални бизниси, освоија и други регионални награди, грантови и го привлекоа вниманието на донаторите и медиумите.

Млади луѓе од регионот основаа социјални бизниси кои преку изработка на облека и модни додатоци интегрираат жени-бегалки во Србија (Women on the way), овозможија планинарски тури за промоција на локален алтернативен туризам и поддршка на локалното население во Валона, Албанија (Reality Escapers), воведоа нов концепт на градинка на отворено за првпат во Македонија (во Штип) (Камп) и многу други успешни приказни.
Проектот RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), ГРУПА СОС Пулс (SOS Pulse Group), Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), и Француско-германската канцеларија за млади (ОFAJ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО (Македонија), Балканска Зелена Фондација (Косово)*, Нешто више (Босна и Херцеговина), Смарт Колектив (Србија), ИЕЦ Технополис (Црна Гора) и Социјален Бизнис ЈУНУС (Албанија). Проектот RISE е ко-финансиран од Француската агенција за развој (АFD), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Еразмус + програмата на Европската Унија.