Од Владата соопштија дека овој медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца

Сите новинари и медиуми при денешното известување за погребите на жртвите од пожарот во Кочани да се придржуваат кон етички принципи за почитување на личната болка и достоинството, со избегнување сензационализам, објавување проверени информации и зачувување баланс и непристрасност.
Повикот го упатуваат од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), имајќи ја предвид чувствителноста на трагедијата и универзалните етички стандарди за професионално известување.
Владата, во координација со Министерството за внатрешни работи и во консултација со ЗНМ и со ССНМ изготвија протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите од трагичниот настан што се случи на 16 март во Кочани.
„Новинарите треба да известуваат со емпатија, без да навлегуваат во приватноста на семејствата на жртвите. Известувањето за трагични настани мора да биде ослободено од сензации, шпекулации или емотивно набиени наративи, фотографии и видеа. Треба да се пренесуваат потврдени факти за да се спречат дезинформации. Медиумите треба да се осигурат дека нивното известување не придонесува за јавна вознемиреност“,
се наведува во протоколот.
За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови).
Од Владата соопштија дека овој медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.
„Со цел да се обезбеди непречено движење и идентификација, медиумските работници треба да поседуваат со себе обележја ПРЕСС и новинарски легитимации издадени од нивните матични медиумски куќи“,
се вели во безбедносниот протокол.
И Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) повика известувањето на медиумите за погребите на жртвите од пожарот да биде без сензационализам и задолжително да се почитува личната болка и жалост на семејствата, роднините и најблиските на загинатите. Исто така и да се води сметка да не се придонесува за дополнително зголемување на вознемиреноста.
Од АВМУ укажуваат дека медиумите треба да внимаваат при правењето и особено при објавувањето снимки и фотографии, со цел да им дозволат на семејствата и родителите достоинствено и со почит да се збогуваат со своите ближни.
Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ во насоките за новинари и медиумски професионалци при известување за трауматски настани, подвлече дека при известувањето треба да се одржува смирен, ненасилен став во секое време.
И од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) повикаа на одговорно информирање за трагедијата во Кочани и укажуваат дека во вакви чувствителни ситуации, неопходно е граѓаните да имаат пристап до точни и проверени информации.
Во пожарот што се случи ноќта меѓу саботата и неделата, животот го загубија 59 млади лица. Тие ќе бидат погребани денеска во Скопје, Кочани, Штип и Облешево.