Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека неговата партија кон крајот на август ќе ги објави повеќето кандидати за градоначалници за локалните избори во октомври, иако не ја исклучи можноста некои да бидат познати уште во јули.
„По нашиот правилник и роковник, одлуките ги носиме на крајот на август, затоа што во прва половина на септември се доставуваат листите до ДИК, но ако донесеме и претходно одлуки кои ќе значат завршени истражувања и анализи нема што да чекаме, ќе ги објавиме да знаат граѓаните и да имаат доволно време да направат внимателна анализа за какви личности се работи и преку тоа да оформат став за нивното одлучување. Значи, генерално крајот на август, но не исклучувам можност во текот на јули да објавиме неколку кандидати каде што веќе анализите ќе бидат завршени“,
рече Заев.
На прашање кои од актуелните градоначалници ќе влезат во трка за нов мандат наесен, тој не даде конкретен одговор туку порача дека сите се негови другари и другарки, но прв приоритет е победата и затоа дали ќе се оди со актуелните или со нови кандидати, ќе се одлучува врз основа на анкетите.
„Нашите градоначалници се нашите фаворити затоа што сами реализираа многу проекти, исто така, со поддршка на владата. Верувам во период кога имавме, покрај локалните избори, референдум, претседателски и парламентарни избори, се случи и пандемијата, дека сето ова што е сменет лик на општините и на државата е главната причина да даваме поддршка. Но, ние сме само дел од општествениот амбиент. Очекуваме низа анкети, граѓаните да ни кажат што преферираат и тоа ќе ни биде водилка, а сите можеме да бидеме корисни во форма на кандидати, но и извршување на други функции, па дури и враќање во приватните институции“,
рече Заев.